Новости

Фудбал

Почнаа проблемите на Солскјер – Јунајтед има девет повредени играчи

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер, е загрижен поради повредените во неговиот тим пред вториот натпревар од осминафиналето во Лигата на Шампионите.

Во среда, „црвените ѓаволи“ гостуваат на ПСЖ со негатива од 0:2.

Во амбулантата на Манчестер Јунајтед има девет играчи, а Пол Погба нема да може да игра поради црвениот картон кој го доби во првиот дуел против ПСЖ.

Повредените се Немања Матиќ, Андер Ерера, Џеси Лингард, Хуан Мата, Антони Марсијал, Фил Џонс, Матео Дармијан и Антонио Валенсија, а кон нив се приклучи и Алексис Санчез.

На прашањето дали некој од повредените фудбалери ќе се врати за важниот судир, Солскјер рече: „Не, тоа нема да се случи. Мислам дека не можеме да ризикуваме со Марсијал. Тој уште не тренира, па затоа не мислам дека е подготвен“.

Со оглед на поразот од 0:2 во првиот натпревар, Норвежанецот ќе се концентрира да ги подготви своите ѕвезди за мечот во Арсенал во недела. Натпреварот е на 10 март од 17:30 часот на „Емирати“.

Ова се првите сериозни проблеми со кои се соочува Норвежанецот откако дојде во Јунајтед и го препороди тимот. Според ESPN, Манчестер Јунајтед престанал да бара ново решение и сака да му пружи шанса на Солскјер за постојана позиција, наместо да почнува од почеток со некој од тренерите за кои беше „загреан“: Масимилијано Алегри, Маурисио Покетино и Зинедин Зидан.

Иако е сосема јасно дека споменатите тренери имаат далеку поголемо искуство и тактички квалитети од Солскјер, Јунајтед во Норвежанецот ја гледа „сржта на клубот“ и шанса за напредок.

Еден од изворите на ESPN вели дека Солскјер направил пресврт од 180 степени во соблекувалната на Јунајтед и дека е јасно дека го влече максимумот од досега проселните Погба, Ерера и Рашфорд, што им е особено важно на семејството Глејзер, сопственик на клубот.

Солскјер ја презеде екипата кон крајот на декември и потоа зареди осум победи во сите натпреварувања, а низата ја прекина ремито 2:2 со Барнли. Ремизираше уште со Ливерпул (0:0), а единствениот пораз го доживеа од ПСЖ во Лигата на шампиони.

Од сите 15 натпревари во кои го водеше тимот, имаше 12 победи и тоа сите во гости.

Многу поранешни играчи го советуваа клубот да се насочи кон Покетино на крајот на сезоната, но Солскјер се покажува како незаменлив елемент во машинеријата Манчестер Јунајтед.

GOLD
To Top