Новости

Фудбал

Рамос со посебна листа на желби

Капитенот на Реал Мадрид направи свој список на играчи кои треба да бидат продадени, а кои да се ангажираат за следната сезона.

Реал Мадрид сезонава ќе ја заврши без ниту еден освоен трофеј, што претставува големо изненадување кога станува збор за „кралскиот“ клуб.

Поради тоа на лето се планираат големи промени во екипата и тренерот Зинедин Зидан веќе состави список со четворица фудбалери кои се слободни по крајот на сезоната, пренесува „Ас“. На листата се наоѓаат Герет Бејл, Маркос Љоренте, Маријано Дијаз и Дани Себаљос, но се очекува  овој список да се зголеми за уште неколку фудбалери.

Според весникот, капитенот Серхио Рамос кој има големо влијание во соблекувалната на Реал, откако го видел списокот побарал средба со Зидан и Флорентино Перез и им порачал да се зголеми бројот на фудбалери кои треба да си одат.

На списокот за отстрел на Рамос, изненадувачки се наоѓаат тројца стандардни првотимци, Каземиро, Рафаел Варан и Марсело. Според Рамос, Каземиро не е фудбалер за Реал Мадрид, Рафаел Варан подолго време не се гледа во екипата, додека Марсело е со мислите во Јувентус кај својот голем пријател Кристијано Роналдо.

Зидан сè уште се двоуми од кого да се ослободи, Лука Модриќ или Тони Крос. Французинот смета дека Модриќ треба да замине оти е четири години постар од Крос, додека капитенот има спротивно мислење, тој сака Хрватот и понатаму да го носи дресот на Реал Мадрид, а да биде продаден Крос.

Што се однесува до засилувањата, Рамос, Зидан и Перез за следната сезона ги посакуваат Килијан Мбапе, Еден Азар и Кристијан Ериксен. Изненадувачки на списокот на Рамос за потенцијални засилувања се наоѓа и фудбалерот на Баерн Минхен, Давид Алаба.

GOLD
To Top