Новости

Фудбал

Ако дозволи МВР, баражот меѓу Тиквеш и Воска ќе се игра во Прилеп

Фудбалската федерација на Македонија излезе со соопштение по повод преместувањето на локацијата за бараж дуелот меѓу Тиквеш и Воска, кој првично беше најавен за во Прилеп, а подоцна беше решено да се игра во Скопје.

Фудбалската сезона во Македонија привршува со одлука која предизвика многу реакции. Тиквеш бурно реагираше на преместувањето на локацијата и најави дека нема да го игра мечот во Скопје.

ФФМ излезе со соопштение во кое ја образложи одлуката. Тие велат дека таа е донесена од безбедносни причини поради најави за присуство на навивачки групи на двата клуба, па полесно било да се организира мечот во Скопје.

Но, последниот збор ќе го има МВР и доколку тие ја гарантираат безбедноста, мечот сепак ќе се одигра во Прилеп. Соопштението на ФФМ ви го пренесуваме во целост:

„Комисијата за натпреварување во рамки на Фудбалската федерација на Македонија го одреди стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп за домаќин на бараж натпреварот за Прва МФЛ меѓу екипите на Тиквеш и Воска.

Имајќи в предвид дека на почетокот на следниот месец, македонската А репрезентација ја очекуваат два натпревари од Лига на нации на домашен терен на Националната арена „Тодор Проески“, намерата на Фудбалската федерација на Македонија беше бараж натпреварите да се одиграат на други стадиони, првенствено за да се заштити теренот на арената „Тодор Проески“ за репрезентативните мечеви, а дополнително што на 20. мај на нашиот најголем стадион ќе се одигра и финалето од Купот на Македонија.

По извлекувањето на паровите за бараж натпреварите и одредените места за одигрување, Комисијата за натпреварување после одржаниот состанок со Комисијата за безбедност, сепак одлучи (пропозициите тоа го дозволуваат) мечот Воска – Тиквеш да се одигра на Националната арена „Тодор Проески“.

Единствена причина за промената на местото на одигрување на натпреварот се пристигнатите информации до Комисијата за безбедност на ФФМ за присуство на голем број навивачи на двете екипи и можноста да се гарантира безбедноста на повеќе илјадната публика на стадионот во Прилеп.

ФФМ преку Комисијата за безбедност прати официјален допис до Министерството за внатрешни работи (МВР) со барање насоки и напатствија во делот на преземање на безбедносни мерки за да се одиграат двата бараж меча на првично утврдените места за одигрување, односно Тиквеш – Воска во Прилеп и Скопје – Беласица во Штип.

Фудбалската федерација на Македонија ќе постапи соодветно во зависност од одговорот и упатствата на МВР.

Уверени сме дека само со строго и доследно применување на прописите и почитувањето на превентивните мерки од надлежните институции и тела може да се гарантира вистински спортски спектакл .

Мерките за безбедност на натпреварите постојат со причина и очекуваме од клубовите да бидат сојузници во спроведувањето на истите.

Полните трибини без инциденти, без непримерно однесување и нереди, без национализам и дискриминација, се клучни цели на сите учесници во македонскиот фудбал, од Фудбалската федерација на Македонија и клубовите преку навивачките групи, јавноста и медиумите до државните институции во целина.

За ФФМ, дијалогот и комуникација е единствен пат за квалитетен однос со клубовите и институциите и на тоа ќе инсистираме и во иднина“.

Евротип
SNBROKER
To Top