Новости

Фудбал

Денот кој сите го чекавме: Македонија денеска дебитира на Европско првенство

Македонската фудбалска репрезентација денеска ќе го игра првиот натпревар од дебитантскиот настап на едно големо фудбалско натпреварување на ЕВРО 2020. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски попладне со почеток во 18 часот, на „Национална арена Букурешт“ во романската престолнина ќе се соочат со репрезентацијата на Австрија.

Во двата досегашни натпревара, Австријците победија со 2:1 во Виена и со 4:1 во Скопје во 2019 година. Сепак, овие резултати од пред две години не ги обесхрабрува македонските фудбалери.

„Имаме негативно искуство со оваа репрезентација, но добро ги анализиравме нивните игри последниот период. Знаеме дека не чека тежок натпревар со една цврста, физички одлично подготвена репрезентација. Но, подготвени сме за надигрување. Онаа победа против Германија донесе самодоверба плус во нашите редови, овие момци се повеќе се свесни за своите квалитети и тоа треба да ни биде дополнителен мотив плус на секој дуел на првенството“ – изјави капитенот Горан Пандев на кого му се оствари сонот, кариерата да ја заокружи со настап во репрезентативниот дрес на едно големо натпреварување.

Австријците важат за фаворити на денешниот меч и поради поголемото искуство на вакви натпревари, и поради големиот број играчи од нивниот табор кои играат во Бундеслигата, како и поради подобриот рејтинг што го имаат на ФИФА ранг-листата.

Од друга страна, нашите играчи нема да бидат под психолошки притисок, па улогата на аутсајдер може да биде и предност во ваква ситуација.

На трибините на стадионот во Букурешт се очекува да бидат и околу две илјади Македонци.

Евротип
Евротип
To Top