Новости

Кошарка

МЗТ Скопје донесе двајца Американци пред почетокот на новата сезона

Американските кошаркари Даниел Џенсен (23 год, 206 см) и Брет Бејли (23 год, 200 см) се нови имиња во составот со кој тренерот Александар Тодоров ќе ја почне новата сезона на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.

Џенсен, кој игра на позицијата крилен центар, веќе има европско искуство со оглед што минатата сезона настапуваше за белгискиот прволигаш Лимбург јунајтед. Станува збор за силен кошаркар со одличен шут од далечина и со секоја трета погодена тројка во текот на целата своја кариера. Претходно, четири години настапувал за Огустана колеџот во НЦАА-лигата каде што во последната година просечно реализирал 20,1 поен заедно со 6,3 скока.

Бејли, пак, игра на позицијата ниско крило и за него ова ќе биде прво кошаркарско искуство надвор од САД. Зад себе има четиригодишен престој во НЦАА-лигата во дресот на Универзитетот Сан Диего каде што минатата сезона имал просек од 15,6 поени и 6,9 скока. Шутот за тројка е најсилно оружје и во играта на Бејли со оглед што погодува со 34,7-отсто, но се одликува и со одлична брзина и атлетизам.

Џенсен и Бејли се очекува на почетокот од следната недела да му се приклучат на сонародникот Ерик Гарсија на подготовките на МЗТ Скопје Аеродром, што значи дека ќе го минат целиот тренажен процес со цел што е можно поподготвени да ја дочекаат новата сезона.

GOLD
To Top