Новости

Кошарка

Успешно заврши осмиот Меѓународен Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2018“

Во организација на кошаркарскиот клуб „Младост“ од Битола и Општина Битола успешно заврши 8. меѓународен Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2018“. Во дводневните натпревари учество зедоа 17 екипи од Македонија и Хрватска во категориите: момчиња родени 2003/04, девојки родени 2003/04, микс-екипи родени 2005/06 и микс-екипи родени 2006/07. Натпреварите се одиграа во 4 спортски сали низ Битола, а ги водеа судии со највисок државен ранг.

Категорија момчиња родени 2003/04:

  1. „Феникс 2010“-Скопје
  2. „Младост“-Битола
  3. „Академија ФМП“-Скопје
  4. „Задар“-Хрватска
  5. „Ангели“-Скопје
  6. „Воштарница“-Задар, Хрватска

За најдобар играч е прогласен Мети Тачи од „Феникс 2010“.

Категорија девојки родени 2003/04:

  1. „Пелистер АД“-Битола
  2. „Јуниор“-Битола
  3. „Трокал“-Кавадарци
  4. „Младост“-Битола

За најдобар играч е прогласена Маја Милошевска од „Пелистер АД“.

Категорија микс-екипи родени 2005/06:

  1. „Академија ФМП“-Скопје
  2. „Младост“-Битола
  3. „Воштарница“-Задар, Хрватска
  4. „Трокал“-Кавадарци

За најдобар играч е прогласен Ристе Буклешевски од „Академија ФМП“.

Категорија микс-екипи родени 2006/07:

  1. „Младост“-Битола
  2. „Трокал“-Кавадарци
  3. „Декса“-Прилеп

За најдобар играч е прогласен Филип Саботковски од „Младост“.

Во рамките на турнирот се одржа и турнир за ветерани и ветеранки со учество на шест екипи од Македонија, Хрватска и Србија. По два возбудливи натпреварувачки дена најдобри се ветераните на „Пелистер“-Битола  пред екипата составена од ветерани на Кавадарци и Велес, а третото место го освоија ветераните на „Задар“. Потоа следуваат: „Здравље“-Лесковац, Струмица и Штип. За најдобар играч е прогласен ветеранот од „Пелистер“ Томе Здравевски кој за овој турнир специјално допатува од Германија.

Исто така, ревијален натпревар одиграа и кошаркарските ветеранки од Скопје и Битола кои за миг се потсетија на ривалството кое беше пред дваесетина и повеќе години.

Организаторот за најдобрите обезбеди дипломи, пехари и медали, а за најдобрите играчи и пригодни подароци. Доделени беа и благодарници на кошаркарски ветерани кои ја прославија македонската и битолската кошарка во минатото, и тоа: Никола Ивановски-Линдата, најдобриот кошаркар во историјата на Битола; како и Марија Џидрова Чурлевска-најдобрата кошаркарка  на Битола. Плакети за придонес во развојот на битолската кошарка добија: д-р Димитар Секуловски-првиот тренер на КК „Младост“-Битола, Валентин Груевски-претседател на Советот на Општина Битола, Борче Корлевски-претседател на комисијата за спорт, млади и рекреација на Општина Битола и д-р Горан Цветановиќ-градоначалник на градот Лесковац, Србија.

Во културно-уметничкиот дел свои настапи имаат членовите на танцовиот спортски клуб „Степ-ап“ и ансамблот за фолклор „Плетенка“ од Битола.

 

                                                                                                                        В. Прчков

GOLD
To Top