Новости

Кошарка

Македонските кошаркарски ветерани на турнир во Задар, Хрватска

Претстојниот викенд во спортскиот комплекс „Крешимир Ќосиќ“ во Задар (Хрватска) ќе се одржи „4. Мастерс-турнир“ за кошаркарски ветерани во машка и женска конкуренција. На турнирот ќе настапат 45 екипи (38 во машка и 7 во женска конкуренција) од: Хрватска, Словенија, Словачка, Шведска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Натпреварите ќе се играат во седум категории: мажи 35+, 40+, 45+ 50+, 55+ и жени 35+, 45+. Во машка конкуренција натпреварите ќе се играат 4х8 мин., а додека во женска 4х7 мин. според правилата на FIBA. Во секоја категорија ќе бидат доделени пехари и медали за првите три екипи, а исто така ќе има награди и за најдобар и најпрецизен играч. Организатор на овој турнир е компанијата „S-Event“ од Хрватска која има големо искуство во организацијата на вакви настани, а главен спонзор е „Karlovačko pivo“.

На овој турнир ќе настапи и екипата „Македонски ветерани“ во категоријата мажи 45+, која што е составена од поранешните легенди на кошарката од Битола, Велес и Кавадарци, и тоа: Зоран Мандиќ, Оливер Трајковски, Сашо Марковски I, Димитар Богоевски, Димче Трајковски, Сашо Марковски II, Коста Нешковски, Васко Пинзовски и Драган Наумовски од Битола; Александар Клинчаров, Ѓорѓи Наумчевски, Трајче Лазаров, Никола Златев и Блажо Мицев од Кавадарци, како и Марјан Нацков, Орданче Маџуркаров и Дејан Тодоров од Велес.

Тренер на екипата ќе биде битолчанецот Горјан Стојановски кој ќе се обиде заедно со македонските кошаркарски легенди да дадат достоен отпор на екипите кои ќе бидат составени од легенди на поранешната југословенска кошарка. Нашата екипа ќе биде во групата „Б“ во категоријата „мажи 45+“ заедно со екипите на Тузла (БиХ), Загреб плус (Хрватска) и Галеб (Шибеник-Хрватска). Во Петок и Сабота се натпреварите по групи, а во Недела се натпреварите за пласман.

Се очекува на турнирот да настапат голем број легенди на поранешната југословенска и европска кошарка: легендарниот 80-годишен Ѓузепе „Пино“ Ѓерѓа, Бранко Скроче, Иван Сунара, Ивица Обад, Дарко Пахлиќ, Чедомир Перинчиќ, Здравко Јерак, Петар Поповиќ, Анте Матуловиќ и др.

-Голема чест за македонските ветерани да учествуваат на ваков реномиран турнир. Нашите играчи повремено одигруваат пријателски натпревари меѓу себе, така што се подготвени достојно да  се  надигруваат со своите противници. Пред сè, дружењето ќе биде во прв план, евоцирање на спомени од минатото, кога на овие простори се играше најдобрата кошарка во светот-ни изјави пред патувањето за Задар тренерот на „Македонски ветерани“ Горјан Стојановски.

-Ќе имаме можност да се сретнеме со легендарните играчи од поранешните југословенски екипи кои беа во врвот на европската и светска кошарка. Дружењето и надигрувањето ќе бидат во прв план на овој турнир, но и големо искуство за нас за организирање на ваков турнир во нашата земја-ни изјави Коста Нешковски, еден од поискусните играчи во македонската екипа.

Тренерот Горјан Стојановски (лево) со легендата на светската кошарка Ѓузепе „Пино“ Ѓерѓа

Тренерот Горјан Стојановски (лево) со легендата на светската кошарка Ѓузепе „Пино“ Ѓерѓа

 

GOLD
To Top