Новости

Кошарка

9. Меѓународен велигденски кошаркарски турнир „Битола 2019“

Во организација на кошаркарскиот клуб „Младост“-Битола и Општина Битола на 04 и 05 мај во Битола ќе се одржи деветтиот меѓународен Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2019“. Натпреварите ќе бидат во четири старосни категории: момчиња родени 2003 г., девојчиња родени 2006 г., микс-екипи родени 2006/07 г. и микс-екипи родени 2008/09 г. Учесници се екипите на: „Воштарница“-Задар, Хрватска; „А.С. Подензано“-Подензано, Италија; „Локомотив“-Софија, Бугарија, „Башкими“-Призрен, Косово, „Пробаскет“-Кавадарци, „Јуниор“-Битола, „Трокал“-Кавадарци, „Пелистер АД“-Битола и домаќинот „Младост“. Натпреварите ќе се играат во спортските сали „Боро Чурлевски“, „Павел Шатев“-Студентски дом, Гимназијата „Ј.Б.Тито“, Економското и Медицинското училиште. Свеченото отворање на турнирот ќе биде во Сабота од 16.00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

Покрај младинскиот турнир, по четврти пат ќе се одржи и турнир за ветерани (45+). Учесници ќе бидат екипите на „Задар“-Хрватска; „Ровињ“-Хрватска; „Здравље“-Лесковац, Србија; „Basket boys“-Корча, Албанија; комбинирана екипа на КК „Борец“-Велес и КК „Тиквеш“-Кавадарци; КК „Астибо“-Штип, КК „Струмица“ и домаќинот „Пелистер“ од Битола.
Ревијален натпревар ќе одиграат и ветеранките на „Пелистер“ и „Скопје“.

Битолчани ќе имаат можност после неколку години повторно да го поздрават легендарниот кошаркар на поранешна Југославија, Ѓузепе „Пино“ Ѓерѓа кој со 82 години ќе биде убедливо најстариот учесник на турнирот во дресот на „Задар“.

Специјални гости на турнирот ќе бидат Стерули Андоновски, Горан Вукадиновиќ и д-р Димитар Секуловски-првиот тренер во историјата на КК „Младост“-Битола. Доделувањето на наградите за најдобрите ќе биде во Недела во 13.00 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.

В. Прчков

GOLD
To Top