Новости

Кошарка

Хрват со битолско потекло ќе игра за македонската кадетска репрезентација

Деновиве македонската кадетска репрезентација за играчи до 14 години интензивно се подготвува во Скопје и Маврово за неофицијалното европско првенство „SLOVENIA BALL“ кое започнува на 24 Август во повеќе градови низ Словенија. Првенството е неофицијално бидејќи FIBA-EUROPE не организира официјални првенства за оваа возраст.

Во македонската репрезентација, покрај останатите играчи, сепак еден посебно се издвојува по своето знаење и ангажирање. Кршеван Кларица е македонски репрезентативец кој е роден во 2003 година и живее во Задар, Р. Хрватска. Неговиот татко Томислав е по потекло од Битола, но животниот пат семејството Кларица ги однел во Задар. Од мали нозе Кршо (како што го нарекуваат неговите другари) започнал да тренира кошарка во локалниот клуб „Воштарница“-Задар, каде е сèуште член.

Заслуги за неговиот повик во македонската репрезентација имаат и луѓето од КК „Младост“-Битола кои со организација на традиционалниот Велигденски турнир „Битола“, го „доближија“ Кларица до репрезентацијата.

„Голема чест за мене е да настапувам за македонската репрезентација. Максимално се ангажирав на изборните тренинзи и изборив место во екипата за овој турнир во Словенија. Иако настапувам за екипа која се натпреварува во многу силна лига во Хрватска, сепак и моите колеги во репрезентацијата имаат одлични познавања. Се подготвуваме максимално и се надевам на добар резултат. Кошарката во Битола отсекогаш била атрактивна и има голем број на љубители и играчи. Со доаѓањето на турнирот кој што секоја година го организира КК „Младост“ се запознав со многу играчи од државата, но и со квалитетот на кошарката. Битола има голем број на талентирани млади играчи и во машка и во женска конкуренција, посебно во КК „Младост“ – ни изјави Кршеван Кларица кој што два дена беше во Битола на мал одмор од напорните тренинзи пред неофицијалното европско првенство за играчи до 14 години „SLOVENIA BALL“.

На Кршо му посакуваме успешни настапи во дресот на македонската репрезентација и успех во неговата понатамошна кариера.

 

В. Прчков

 

GOLD
To Top