Новости

Останати

Ѓоковиќ преку Федерер до прва титула во Синсинати

Новак Ѓоковиќ си обезбеди место во тениската историја како прв што успеал да ги освои сите Мастерс-турнири во својата кариера. Последниот, кој веќе извесно време му недостигаше, беше овој во Синсинати, што Ѓоковиќ во голем стил го освои вечерва со победата во големото финале против Роџер Федерер од 6-4, 6-4.

Петте претходни порази во битките за трофејот во Синсинати, три од нив токму од Федерер, беа само мотив повеќе за српскиот ас да го одигра својот најдобар меч на турнирот, да го исфрли од ритам големиот ривал и да го контолира текот на мечот. Федерер со добри сервиси спаси две брејк-топки во првиот гејм, но во седмиот гејм, при резултат 3-3 тој направи неколку грешки во низа и му овозможи на Ѓоковиќ да стигне до брејк.

Србинот потоа знаеше како да ја задржи предноста и да поведе со 1-0 во сетови (6-4), но Федерер направи брејк на самиот старт од вториот сет и поведе со 0-2. Сепак, тоа беше се од Швајцарецот, веќе во наредниот гејм следеше „рибрејк“, Ѓоковиќ продолжи да доминира и да изнудува грешки од индиспонираниот противник, повторно клучната предност ја направи со брејк при 3-3 и на крајот заслужено стигна до толку посакуваниот трофеј.

 

 

 

 

Извор: Екипа

GOLD
To Top