Новости

Останати

Шефот на УФЦ прогнозира кога Мекгрегор ќе се врати во октагонот

Љубителите на ММА борби со нетрпение го чекаат враќањето на Конор Мекгрегор во октагонот. Но, засега нема официјален датум, ни противник за поранешниот УФЦ шампион.

Минатиот викенд Ирецот ги разгоре страстите кога на Twitter напиша „Даблин, 14 декември“, датум што се поклопува со УФЦ 245, но настанот е закажан за во Лас Вегас, а не во Ирска.

Сепак, ова можеби беше само навестување за неговото враќање, смета претседателот на УФЦ Дејна Вајт, кој одговараше на прашања за фановите на Twitter.

„Сигурно го видовте овој твит“, напиша Вајт. „Конор сака борба на 14 декември во Даблин, но ние имаме борба во Вегас. Така, ако не се бори на тој настан, ќе има борба во почетокот на следната година.“

За УФЦ 245 засега е закажана само една борба за титула, меѓу шампионката Аманда Нуњез и Холанѓанката Жермејн де Рандами.

Со недели кружат гласини дека УФЦ има закажано уште една борба за титула на настанот во декември што може да се следи само со pay-per-view, но засега нема ништо официјално.

Додавањето на името на Мекгрегор на настанот би значело огромна заработка, имајќи ја предвид популарноста на ирскиот ММА борач кој деновиве се препукува со Американецот Дастин Поарје на социјалните мрежи околу можен реванш.

Поарје побара реванш против Ирецот откако изгуби од Хабиб Нурмагомедов во борба од УФЦ 242. Американецот изгуби од Мекгрегор во 2014 година кога се натпреваруваа во перолесна категорија.

УФЦ има што да добие од што е можно поскоро враќање на Мекгрегор во октагонот. Ирецот последен пат се бореше во октомври, 2018 година кога изгуби од Нурмагомедов во четвртата рунда од УФЦ 229.

GOLD
To Top