Новости

Останати

ОФМ стави крај на сезоната 2019/2020 во Првата државна лига и младинските лиги во одбојка

Денес со почеток во 12:00 часот, се одржа online состанок во организација на Одбојкарската Федерација на Македонија заедно со претставници на останатите клубови од Првата Државна Лига на кој се донесе одлука за крај на Првата државна лига и младинските лиги во одбојка. За ова информираше ОК „Пелистер Волеј“ од Битола.

„На состанокот кој го водеше комесарот за натпревари Сања Никчевиќ присуствуваа претседателот на ОФМ Петар Јовановски, генералниот секретар Зоран Карановиќ, како и претставници на сите прволигашки женски клубови.

На истиот, по предлог на извршниот одбор на ОФМ, беше донесена едногласна одлука со која се стави крај на сезоната 2019/2020 во Првата Државна Лига, како и одлука за крај на сите младински лиги, а како причина констатирано е неподобрувањето на актуелната состојба со Ковид 19, што пак резултира со оправдано неиздавање на препораки и протоколи од страна на комисијата за здравство за продолжување со работа, тренинзи и натпревари во затворен простор.

Исто така едногласно е донесена одлука за непрогласување на шампион на Македонија во ниту една категорија за сезона 2019/2020.

За стартот на наредната сезона 2020/2021 единствено пионерките и пионерите ќе формираат групи по пат на ждребување, а носители ќе бидат најдобрите екипи од минатата сезона.

Преодниот рок започнува на 1 Јули, а ОФМ ги чека новите протоколи за во иднина.
Во меѓувреме ќе достави предлози за пропозиции за следната сезона, а стартот на новата сезона 2020/2021 е предвиден за последната седмица на Септември, доколку се создадат услови за тоа.

Исто така, откажани се сите балкански шампионати на кои нашата репрезентација е активен учесник.

Искрено жалажиме што вака тивко се завршува една квалитетна сезона за нас, но нема потклекнување и само со огромна верба, висок степен на мотивација и желба за успех остануваме на нашата животна определба за нови предизвици и нови победи во иднина.

Ова е тешка ситуација за сите нас, во која клубовите трпат огромни штети и загуби, но заедно ќе се извлечиме од ова зло и за брзо повторно ќе му се вратиме на одбојката.

Спортски поздрав, Пелистер Волеј“.

GOLD
To Top