Новости

Ракомет

Добри 30 минути за убав почеток: Македонија со плус пет на одмор против Јапонија

Со предност од пет погодоци и резултат 18:13 Македонија го реши првото полувреме против селекцијата на Јапонија, а можеше да биде и уште подобро доколку не се брзаше во завршниот дел од полувремето. Сепак, според играта која што беше прикажана и она што ракометарите го демонстрираа ова треба да биде натпревар за добро загревање и влез во Мундијалот.

Јапонија дојде до првиот гол на оваа средба и се виде дека се работи за брзи ракометари кои знаат да одиграат брзо во додавањата. Сепак, Македонија брзо успеа да дојде во предност со двата гола на Манасков. Јапонците издржаа и поведоа и со 4:3, моменто после кој Македонија тргна во налет. Веќе во 10. минута резултатот беше 6:4 во корист на Македонија, а во тие моменти Ристовски веќе имаше шест интервенции.

Во следните осум минути се дојде до 10:5 при што Македонија најави победа на овој дуел и целосна контрола на резултатот во овој дуел. Имаше идеја во нападот, а во одбрана секогаш кога ќе се поставеше зоната добро, Јапонците не можеа да се снајдат и да најдат пат до голот. Кога се движеа добро и успеваат да затвораат навреме ги тераа Јапонците да се прекомбинираат, а тоа ги водеше кон пасивен напад.

Ракометарите од Јапонија казнуваа секогаш кога одбраната на Македонија не беше поставена или ракометарите беа пасивни. Сепак, добро беше тоа што нападот функционираше и што во 25. минута Македонија стигна до 15:9, водство кое им даваше можност за мирно продолжение на средбата.

Добро беше и тоа што биеја сите. Од сите страни имаше расположение, а Манасков и Лазаров добија поддршка од Талески, Кузмановски, Стоилов, Пешевски… што даваше простор за Раул за комбинирање.

Лазаров со седум гола, Манасков и Стоилов со по три се најефикасни после првите 30 минути, додека Ристовски со десет одбрани помогна за убав резултат на паузата.

GOLD
To Top