Новости

Ракомет

Македонија денеска го започнува настапот на Светското првенство

Со денешниот меч против Јапонија од 15:30 часот, македонската ракометна репрезентација го започнува настапот на Светското првенство кое оваа година се одржува во Германија и Данска.

Светското ракометно првенство започна синоќа со мечеви на домаќините Германија и Данска, но возбудувањата за македонската јавност стартуваат денеска кога во салата во Минхен ќе се појави нашата репрезентација.
Ова е шесто учество на Македонија на Светските првенства, прво под водство на Раул Гонзалез, шпанскиот стратег кој пред две години го предводеше Вардар до европскиот трон.
Раул се одлучи за подмладување на составот, па овој пат нема да ги гледаме Филип Миркуловски, Ацо Јоновски, Никола Мркоски и Немања Прибак. Денеска дебитанти ќе бидат Горан Крстевски, Филип Чурлевски, Марио Танкоски и Мартин Серафимов, а таква шанса во понатамошниот дел од првенството ќе чекаат и Златко Даскалоски и Милан Лазаревски кои отпаднаа од составот кој ќе го почне шампионатот.
Македонија натпреварите од групната фаза ќе ги игра во Минхен, а прв предизвик е селекцијата на Јапонија. Нашата репрезентација е фаворит во овој дуел, но Јапонците во подготвителните натпревари покажаа дека воопшто не се наивен противник и не смеат во ниту еден случај да бидат потценети.
Покрај Македонија и Јапонија, во нашата група Б се уште и Шпанија, Хрватска, Исланд и Бахреин. Првите три селекции продолжуваат во главната фаза во која ќе се спојат со првите три од групата А. Тие мечеви ќе се играат во Келн.
Прогнозите велат дека Шпанија и Хрватска се главните фаворити во нашата група, а ние со Исланд ќе се бориме за третата позиција. Селекцијата на Јапонија има квалитет да ги расипе математиките, изненадувањата не се исклучуваат, па се може да биде поинаку кога ќе почнат натпреварите.
Ова Светско првенство е важно и за пласман на Олимписките игри во Токио. Светскиот шампион обезбедува директен пласман на Олимпијадата, а селекциите од второто до седмото место ќе играат квалификации.
Распоред на натпреварите на Македонија:
Македонија – Јапонија (петок 15:30 часот)
Македонија – Бахреин (недела 14:00 часот)
Македонија – Хрватска (понеделник 18:00 часот)
Македонија – Шпанија (среда 20:30 часот)
Македонија – Исланд (четврток 18:00 часот)
GOLD
To Top