Новости

Ракомет

Металург поразен во Белорусија од Мешков

Ракометарите на Металург забележаа нов пораз во СЕХА лигата, откако во средата загубија во Белорусија од Мешков Брест 31:26. Екипата од Автокоманда сезонава има само две победи во регионалната лига.

Металург против домаќинот, кој конкурира за место на завршниот турнир, одигра рамноправно во првите 20 минути, одржуваше негатива од еден гол, а во 21.минута имаше 9:9.

До крајот на полувремето тимот на Металург влезе во серија на грешки и во последните девет минути од првиот дел му овозможи на Мешков со серија 6:2, да замине на одмор со 15:12.

Мешков, во 41.минута ја достигна максималната предност од пет гола (21:16), но Металург успеа да се врати со серија од четири гола.

Се обидуваа момците од Автокоманда да ја стигнат предноста на Мешков, но во ниту еден момент не успеаја да ја намалат негативата на помалку од два гола.

Во последните шест минути Мешков влезе со предност 25:23, но потоа Металург со катастрофалната игра во нападот му дозволи на противникот да стигне до 30:23. Во овој период Мешков постигна четири гола без игра, во ситуација кога Металург во нападот играше со седуммина, без голман.

Поразот Металург го ублажи во последните 90 секунди.

GOLD
To Top