Новости

Ракомет

Бабиќ: Еурофарм Пелистер е поквалитетен од лани

Еурофарм Пелистер започна со подготовки за сезоната 2021/22, а согласно планот на подготовки Пелистерци го имаат следниот распоред:

19-23 јули во Битола
23-30 јули во Маврово
1-11 август – подготвителни натпревари
11 август – Суперкуп на Македонија – Еурофарм Пелистер – Вардар 1961
21 август – СЕХА Гаспром лига (четвртфинале) – Еурофарм Пелистер – Мешков Брест

Дојдоа:
Реиние Табoaда (Данкерк), Јосип Божиќ-Павлетиќ (Гепинген), Филип Ивановски (Еурофарм Пелистер 2), Мартон Секељи (Порто), Немања Обрадовиќ (ППД Загреб), Марко Кизиќ (Вардар 1961)

Заминаа:
Марин Вегар, Дарио Петровски, Градимир Чаневски, Карим Хендави, Благојче Трајковски, Невен Стјепановиќ

Жељко Бабиќ на првата прозивка сметаше на комплетниот ростер, кој ова лето најмногу промени претрпе на голманската позиција. Заминаа тројцата голмани кои настапуваа минатата сезона и нивните места се пополнети со три нови имиња.

„Мислам дека е добро што поголемиот дел од ростерот остана ист и немаше многу промени. Што се однесува до голманите, бевме одлично покриени на тоа место минатата сезона, но спортските околности се такви и моравме да менуваме. Сепак, сметам дека и оваа голмански тројка е многу квалитетен.

Засега не можеме многу да зборуваме за квалитетите и начинот на игра на тимот. Само што започнавме со подготовките, но мислам дека набрзо ќе ја имаме првичната слика и ќе воочиме кои се нашите предности и слабости. Работејќи дома ова лето, извлеков поука од ПИК Сегед, тим кој имаше лоша сезона, но на крај стана шампион. Тоа е процес на кој треба да бидеме фокусирани и да работиме многу квалитетно, а и да бидеме трпеливи. Многупати се покажало тоа дека оние кои се трпеливи, на крај профитираат. Имаме многу добар тим, многу подобар од минатата сезона и убеден сум дека оваа ќе биде многу добра за Еурофарм Пелистер“, вели тренерот на битолчани.

Момците на Жељко Бабиќ уште на 11 август ќе ја имаат првата битка со Вардар, во натпревар од Суперкупот, а потоа ги чека дуел во СЕХА лигата против Мешков Брест.

„Добро е што сезоната ќе ја започнеме со натпревар од Суперкупот. Мислам дека и за нас и за Вардар е многу добро да започнеме со трофеј. На тој натпревар ќе го дадеме максимумот и ќе направиме сè за да извојуваме победа. Против Мешков Брест знаеме дека ќе ни биде многу тешко, но се разбира дека сакаме да ја минеме и таа фаза во СЕХА лигата и да стигнеме до Задар.

Јас како тренер секогаш сакам да победувам. Некогаш успевам во тоа, некогаш не. Меѓутоа, уверен сум дека Еурофарм Пелистер направи одлична работа минатата сезона, а уверен сум дека оваа ќе направи уште поголема. Дали тоа ќе биде доволно за трофеј, ќе видиме на крајот од сезоната. Исто така и Вардар е многу посилен од лани, така што ќе се води голема битка во домашниот шампионат“, додава хрватскиот стратег.

Евротип
Евротип
To Top