Новости

Ракомет

Битола слави: Еурофарм Пелистер го среди Мешков и првпат ќе игра на Ф4 во СЕХА

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер обезбеди прв, историски пласман на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига, откако битолчани славеа над Мешков Брест со 27-26 по пеналите. Во регуларниот дел од натпреварот беше 23-23. Имаа шанса уште во 60-те минути домаќините да ги решат дилемите бидејќи постојано водеа, но н акрајот мечот влезе во драматична завршница и последниот гол Мешков го постигна во последните секунди.

Пелистерци отворија одлично и поведоа со 4-1 понесени од атмосферата што ја правеа 4.000 навивачи во „Боро Чурлевски“. Лесјак беше одличен на голот, а Сери, Радовиќ и Хосни погодуваа на спротивната страна.

Гостите од Белорусија погодуваа само од пенал преку Баранов, што покажува дека Еурофарм Пелистер играше одлична одбрана. Мешков погоди првпат од игра во 15.минута преку Шумак за  5-3.

Но и голманот на Мешков, Усик, исто така беше добар, па запре неколку зицери. Битолчани ја одржуваа предноста на два или три гола. На три минути до крајот на првиот дел беше 10-7, а по голот на Сери и 11-8. Сепак гостите не се откажуваа и до крајот на првиот дел успеаја да намалат на 11-10.

На стартот на второто полувреме, Мешков Брест израмни на 12-12 и се мораше да почне од нула. Танкоски играше одлично во продолжение на мечот и ги постигна следните два гола за 15-13, а откако Хосни го донесе битолскиот тим до плус три, 18-15, гостинскиот стратег мораше да бара тајм-аут.

Тоа вроди со плод и Мешков Брест анулираше два гола за 18-17 на десетина минути до крајот. Костески промаши на спротивната страна, но Кизиќ запре зицер на гостите и Сери казни со гол за 19-17. Беше и 20-18, но Баранов со голот од пенал ги одржуваше гостите во игра.

Имаа битолчани шанса за плус три со играч повеќе, но не реализираа, па Баранов намали на 21-20 на пет минути до крајот. Тренерот Валтер му даде првпат шанса на Атанасијевиќ кој врати со гол за 22-20. Македонскиот тим пропушти уште еден напад, па Јарош казни за 22-21.

Валтер реагираше со тајм-аут, но битолчани згрешија и Баранов одново од пенал израмни на 22-22 на почетокот на последната минута. Танкоски погоди на десетина секунди до краjoт, но Стевановик израмни на 23-23 и мораше да се шутираат пенали. Драмата ja добиja битолчани со 4-3 и се пласираа на Ф4.

Најдобри во битолскиот тим беа Сери со шест и Хосни со четири гола, додека голманите Лесјак и Кизиќ искомбинираа девет  одбрани.

Евротип
SNBROKER
To Top