Новости

Ракомет

Еурофарм Пелистер вечерва во Битола игра против една од најсилните екипи во групата – француски Ним

По победата над Скопје 2020 во шампионатот, Еурофарм Пелистер е спремен за првиот меч од групната фаза во Лига Европа. Екипата на Жељко Бабиќ ќе го пречека француски Ним во Битола, а на трибините дозволен е половичен капацитет, па се очекува околу 1.500 љубители на ракометот. Во рамките од Д групата на Европската лига на ЕХФ вечерва од 20:45 часот во Битола гостува една од најсилните екипи во групата, француски Ним.

Тренерот Жељко Бабиќ имаше можност детално да го анализира противникот и откри дел од карактеристиките на Ним.

„Францускиот ракомет оди во нагорна линија, имаат многу квалитетни играчи во сите нивоа. Мораме да бидеме многу прецизни, тактички добри. Ним е класична француска екипа, цврста и многу брза. Во одбрана комбинираат со 6-0 и 5-1. Доста истрчуваат низ брз центар и особено брза транзиција, преку десно крило и бек, кои доминираат во нивната игра. Се очекува многу контакти, трчање и класично „тепање“ на теренот. Мора да бидеме спремни на малку поинаква игра, не каква што сме навикнати досега во Европа“, вели Бабиќ.

Ним и минатата сезона играше во ЕХФ Лига Европа и стигна до четвртфиналето, едно скалило подалеку од Еурофарм Пелистер. Во квалификациите францускиот состав го елиминира рускиот првак ЦСКА Москва.

Репрезентативното крило Ненад Костески ја повика публиката да им даде „ветер в грб“ на ракометарите на првиот европски натпревар со гледачи на трибините по скоро две сезони.

„Секоја екипа од Франција е голем предизвик за нас. Точно знаеме каква екипа е Ним. Деновиве се подготвувавме напорно и знаеме против каков ривал ќе играме. Ја поканувам публиката да нè поддржи во поголем број. Знам каква е битолската публика, живее за ракометот и се надеваме дека ќе бидат во голема бројка за да биде наш осми играч.

Ним е фаворит во оваа група, ќе биде навистина тешко. Имаат добар проток на топка и многу се брзи. Не треба да се предаваме и мора да одиме цврсто, па да покажеме каква екипа сме“, вели Костески.

Овој натпревар е прво соочување меѓу Еурофарм Пелистер и француска екипа по повеќе од една деценија. Низ историјата често екипи од ова национално првенство гостувале во Битола во европски натпревари и секогаш се играле драматични натпревари.

Евротип
Евротип
To Top