Новости

Ракомет

Еурофарм Пелистер ослабен патува во Шафхаусен

Иако Еурофарм Пелистер веќе обезбеди учество во осминафиналната фаза во Европската лига, после утрешниот натпревар со Кадетен Шафхаусен ќе се знае од која позиција ќе влезат во осминафиналето.

Утре ќе настапат ослабени, ќе играат без Маџовски, Кушан, Кукуловски и Вегар, но и без еден од клучните играчи, голманот Карим Хендави кој не ја доби потребната виза за патување во Швајцарија и нема да настапи на овој меч.

„Нема калкулации од наша страна. Патуваме во Швајцарија да дадеме максимум. На првиот натпревар ремизиравме и имаме нешто да им вратиме. Во одлична форма сме, имаме пет победи во серија и сакаме хемијата да остане на ова ниво. Имаме одличен колективен дух, одиме да се бориме до последниот атом од силите, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно.

На првиот натпревар покажаа дека не се предаваат, играат до последната секунда. Независно колку е разликата во наша или нивна полза, не го намалуваат „гасот“ и даваат сè од себе. Ќе биде одличен натпревар и од наша и од нивна страна и се надевам дека ќе им вратиме за првиот натпревар“ вели десното крило, црногорецот Мирко Радовиќ.

Дека шансата нема да ја пропуштат вели и крилото Ненад Костески.

„Остваривме пет победи во низа и натпреварот против Татран ни беше многу важен, за да ја задржиме хемијата како досега. Верувам дека ќе издвојуваме добар резултат во Шафхаузен. Се подготвуваме добро, ги анализираме и знаеме дека не смееме да ги потцениме. Кадетен Шафхаузен е одлична екипа. Како што знаете, тука во Битола одигравме нерешено, а тие на домашен терен знааат да одиграат добро. Затоа мора да бидеме сите заедно, цел тим како едно и да се бориме за подобар пласман понатаму во Лига Европа.Натпреварот во Битола заврши нерешено, но ете имаме втора шанса и нам ни преостанува да се обидеме да им вратиме за тоа што го пропуштивме“.

Со евентуален триумф, како со пораз на ГОГ Гудме на гостувањето кај РНЛ, Пелистер ќе се искачи на втората позиција на табелата во својата група, а доколку забележи пораз ќе остане четврти.

Натпреварот меѓу Кадетен Шафхаузен и Еурофарм Пелистер ќе се игра утревечер од 20:45 часот во „ББЦ Арена“.

GOLD
To Top