Новости

Ракомет

Еурофарм Пелистер пред натпреварот со ГОГ Гудме: Спремни сме, желни сме за игра и тоа е најважно

Со сите ракометари спремни и мотивирани за европски бодови, Еурофарм Пелистер синоќа одработи уште еден тренинг пред европскиот дебитантски дуел во групата Д на Лига Европа против ГОГ Гудме.

Капитенот Градимир Чаневски пред натпреварот против данскиот вицешампион рече:

„Имавме доста време да се подготвиме. Ни недостигаат натпревари и самото одложување на натпреварот против Татабања направи да патуваме во Данска без ниту еден одигран дуел. Тие се во натпреварувачки ритам, одиграа половина есенски шампионат и еден натпревар во Европа, во Швајцарија. Одиме да се натпреваруваме, се подготвуваме, не знаеме до каде сме сè уште“.

Многу ракометари на Еурофарм Пелистер го чекаат своето деби на официјален натпревар. Дуелот во вторник против ГОГ Гудме е нов почеток за екипата на Жељко Бабиќ, а прва можност љубителите на ракометот да ги видат Кушан, Периќ, Мандалиниќ, Танкоски…

Босанскиот интернационалец Јосип Периќ го најави натпреварот со данскиот вицешампион:

„Сигурно дека нè пореметија откажувањата. Но, ние добро тренираме и се подготвуваме како секој ден да започнат натпреварите. Подготвени сме за 27 октомври и натпреварот против Данците. Спремни сме, желни сме за игра и тоа е најважно. Само ги чекаме натпреварите“.

GOLD
To Top