Новости

Ракомет

Клучна победа на пелистерци за второ место во групата

фото: Саше Богоевски

Екипата на Еурофарм Пелистер го одбрани домашниот терен и со голема победа над швајцарски Кадетен Шафхаузен (27-26) во рамки на осмата рунда направи голем исчекор кон втората позиција во Европската лига на ЕХФ.

Во име на Еурофарм Пелистер по победата над швајцарски Кадетен Шафхаузен (27-26) говореше Јосип Периќ, кој беше најефикасен стрелец со седум постигнати гола на натпреварот во Европската лига на ЕХФ.

„Одигравме една вистинска шаховска партија. Физички, беше тежок натпревар. Но мислам дека реално добро бевме подготвени и ментално и тактички. Го контролиравме натпреварот 60 минути, покажавме добар карактер. Во последните минути нашиот голман беше клучен и ни донесе поени. Демонстриравме дека сме добар тим и дека растеме од меч во меч“, изјави Периќ.

Еурофарм Пелистер сега на контото има десет бода, а лидер е Ним со единаесет бода. До крајот на групната фаза преостануваат уште две кола, битолчани прво гостуваат кај Татабања, па дома го чекаат АЕК Атина.

Еурофарм Пелистер стигна до 27:26 (15:12) победа над швајцарскиот Кадетен во осмото коло на Европската лига на ЕХФ за да се зацврсти на второто место на табелата во групата Д во второто по ранг европско натпреварување зад францускиот Ним.

По израмнетиот старт на натпреварот, Кадетен поведе со 4:6, пред тимот на Жељко Бабиќ веднаш се врати во игра и поведе со 10:8, за на полувреме да се отиде со три гола предност (15:12). Гостите успеаја да израмнат на 17:17 на стартот на второто полувреме, но потоа Пелистер ја направи клучната предност од 4 гола разлика, пред во последната минута швајцарскиот клуб да дојде на гол разлика, пред Јосип Периќ да го постигне победничкиот гол.

Најдобар кај победникот беше Јосип Периќ со седум гола, пред Раинер Табоада со шест реализации, Стипе Мандалиниќ имаше пет, а Мирко Радовиќ четири гола, додека кај гостинот најмногу се покажа Зендер со шест, пред Барток, Марош и Шелкер со по три стрелби.

Евротип
SNBROKER
To Top