Новости

Ракомет

Македонија подобра и од Ангола на Мундијалот во Франција

Македонската ракометна селекција успешно го мина и вториот африкански противник на мундијалот во Франција, откако во саботата вечерта во Мец ја совлада Ангола со 31-22, во второто коло од Групата Б.

По првичното одлепување со 4-1 во неефикасните првични 10 минути од натпреварот, македонските ракометари дозволија Ангола да израмни на 5-5 и до 23 минута да се игра гол за гол (9-9). Но во последните пет минути, кога во ритам влезе Гоце Георгиевски со три голови, следен од Кирил Лазаров и Стојан Стоилов, на крајот од полувремето нештата дојдоа „на свое место“ и Македонија замина на одмор со безбедна предност од 14-9.

Користејќи ја очигледната определеност кај македонскиот табор да не се форсира голема разлика, Ангола на почетокот од вториот дел успеа да влезе во серија од три гола и да намали на 12-14. Но разликата и во квалитет и во искуство придонесе македонската селекција неосетно и без премногу напор во 40 минута да дојде до шест голови предност (19-13), а потоа и да ја зголеми на 21-14. Следуваше серија од пет погодоци во мрежата на Ангола, па беше остварена првата двоцифрена предност на натпреварот од 25-15.

Куриозитет на овој меч е што во финишот од мечот, кога Анголците ја копираа варијантата која дотогаш ја практикуваше Лино Червар и заиграа без голман со играч повеќе во полето, македонскиот голман Благојче Трајковски постигна два врзани гола, со што беше вратена предноста од десет голови (28-18).

На крајот конечниот резултат гласеше 31-22, а Македонија стартува со две врзани победи пред вистинските искушенија – пресметките со Словенија, Исланд и Шпанија, кои ќе значат шанса за изборување посоодветен противник во следната фаза од мундијалот.

Кирил Лазаров беше најефикасен со десет погодоци, пред Георгиевски со пет и Филип Лазаров со три гола. Колев го заврши мечот со девет интервенции, додека Трајковски имаше две одбрани.

Евротип
Евротип
To Top