Новости

Ракомет

Пелистерци против АЕК без Велковски и Периќ

На денешниот натпревар екипата на РК Еурофарм Пелистер ќе настапи без повредените Јосип Периќ и Мартин Велковски. За жал повредата на Мартин Велковски е од посериозна природа поради што тој ќе отсуствува од терените подолг период. Што се однесува до повредата на Јосип Периќ, лекарскиот тим на РК Еурофарм Пелистер ги вложува сите напори за негово поскорешно враќање на теренот. Во овој момент тешко е да се даде точна проценка на потребниот временски период за рехабилитација.

Голманот Марко Кизиќ вели дека ова е многу важен натпревар бидејќи сè ќе се решава во последната рунда од групната фаза.

„Го анализиравме ривалот, веќе ни е попознат бидејќи одигравме еден натпревар против нив. Се припремавме добро досега, имаме уште два тренинзи до дуелот и мораме да одиме на победа. АЕК е тактичко добро подготвена екипа, многу се борбени и не се предаваат во ниту еден момент. Имаат голема сплотеност и покажуваат голема борба со многуте искусни играчи. Играат со стил кој ние го анализиравме, не може премногу да се менува од првиот натпревар, како тие, така и ние. Ќе одиме да се надигруваме, па подобриот нека победи. Напорен период е со многу натпревари. Се обидуваме колку што можеме да се одржиме во најдобра физичка форма. Навистина е тешко и напорно, ама го даваме својот максимум за да бидеме спремни за секој натпревар“, рече Кизиќ.

Десното крило, Јосип Божиќ Павлетиќ вели дека нашата група е изедначена.

„Во другите групи екипите кои имаат по десет освоени бода веќе пројдоа понатаму, но тоа не е случај кај нас. Ни следи дуел со АЕК, одиме на победа, се подготвивме максимално, знаеме дека противникот ќе дојде силно мотивиран затоа што имаат шанси да ја минат групата, но ние играме дома, пред нашите навивачи и се надеваме на нов триумф. Се работи за добра екипа со индивидуалци, имаат неколку искусни играчи и се доста борбени.
Победивме на гости во Атина полесно од очекуваното, но тие сега ја дигнаа формата и дојдоа до неколку одлични победи. Ги знаеме нивните специјалности, знаеме каде се добри. Се подготвуваме за нивната подлабока одбрана и се надевам дека сите работи ќе ни се поклопат и ќе славиме пласман во следната рунда со триумф. Не чувствуваме притисок, наше е да дадеме се од себе и сметам дека ако одиграме по планот резултатот нема да изостане. Не размислуваме на математиките, одиме само на победа. Имавме тежок февруари зад нас со повреди и коронавирус, но се извлековме од тоа, барем еден дел. Имаме уште некои играчи кои се повредени, но ние кои сме здрави мора да повлечеме и да атакуваме на победа“, истакна десното крило.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и АЕК Атина почнува вечерва во 18:45 часот. Претходно со почеток од 17 часот за љуботелите на ракометот ќе биде организирана Фан зона во подтрибинскуиот простор на спортската сала „Боро Чурлевски“ – Битола.

Евротип
SNBROKER
To Top