Новости

Ракомет

(Фото) Победа на Еурофарм Пелистер над Вардар во Битола

фото: Саше Богоевски

Еурофарм Пелистер го совлада тимот на Вардар 1961, со резултат 29:25.

По освоениот трофеј во Купот на Македонија, екипата на Вардар е пред нова двојна круна во домашниот ракомет, откако ја „одбрани“ позитивата стекната при првото овосезонско соочување со Еурофарм Пелистер (35-27). На последното големо ракометно дерби оваа сезона, Еурофарм Пелистер и „ранет“ го најде лекот за „црвено-црните“ и славеше со 29-25 (13-12), но титулата во Суперлигата останува сон за битолчани, затоа што треба да се случи чудо за Вардар да ја испушти таа можност.

Хрватскиот стратег на клупата на битолчани Жељко Бабиќ и на третото овосезонско дерби со Вардар не можеше да смета на својот комплетен ростер, затоа што поради повредите здобиени во натпреварите од Купот на Македонија, на трибини останаа Стипе Мандалиниќ и Матео Мараш.

Најпрецизни во редовите на домаќините беа Радовиќ и Периќ со по седум гола, а фантастичен на голот беше Хендави со 17 одбрани. Кај Вардар прв стрелец беше Дибиров со шест, а по пет запишаа Георгиевски и Чупиќ. До крајот на шампионатот остануваат уште четири кола, а Вардар е лидер поради подобриот меѓусебен скор со битолчани.

Еурофарм Пелистер – Вардар 1961 29-25 (13-12)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ – Битола
Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов

Еурофарм Пелистер:
Хендави, Чаневски, Ојлески, Маркоски 2, Маџовски 1, Кукуловски, Кушан 4, Стјепановиќ 2, Радовиќ 7, Танкоски 3, Периќ 7, Костески 1, Чаневски, Кукоски 1, Петровски, Велковски 1, Ѓукиќ
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 4 минути

Вардар 1961:
Ристовски, Кизиќ, Шеваљевиќ 2, Валчак, Јагуриновски, Стоилов 1, Георгиевски 5, Карапалевски, Дисингер 3, Јотиќ 3, Калараш, Чупиќ 5, Талески, Дибиров 6, Векиќ, Мишевски
Седмерци: 4/3
Исклучувања: 10 минути

Евротип
Евротип
To Top