Новости

Ракомет

Прес-конференција на управата на РК Пелистер: За три месеци саниран долг од над 115.000 евра

На денешната прес-конференција управата го презентираше финансискиот извештај за првото тромесечие од работењето на новото раководство. Зборуваа и за завршната сметка за 2017 година и како и го најавија отворањето на старо-новите реновирани простории. Целта, велат, е да се информира јавноста, а не да се жалат или да се оправдуваат.

Техничкот директор на РК Пелистер, Борче Корлевски истакна дека состојбата која ја затекнале бил основен долг од неисплатени три плати за септември, октомври и ноември, како и половина плата од август. Исто така ја затекнале неисплатена и декемвриската плата во висина од 5.086.337 денари или 83.000 евра.

„Овие финансиски средства, во целост се исплатени кон ракометарите, стручниот штаб и лицата задолжени во РК Пелистер. Од  август месец па се до декември. За овие два месеца имаме исплатено плата за јануари и февруари, а во најскоро платата ја очекуваме да ја исплатиме мартовската плата. Долгот не застанува тука, побарувањето од контото спрема добавувачи е во висина од 618.332 денари или 10.054 евра. Тоа се побарувања како што се: не било исплатено струја, обезбедување, имавме извршно решение од 53.594 денари за неплатени сметки од 2015 година па се до 2017 година. Две години денар не им бил исплатен, а тие ја обавувале работата. Имало и позајмици и аванси кон играчи, спротивно од законот. Исто така имаме неподмирени сметки за купување мобилни телефони, едната е 44.000 денари, а другата 90.000 денари. За користење стан во Карпош на име на РК Пелистер 396.040 денари или 6500 евра. Тужба со извршено решение за случајот Игор Арсиќ кој буквално ја блокира сметката на РК Пелистер, до ден  денес кога ја одблокиравме сметката со новата дотација од Опшина Битола, изнесува 595.000 денари плус  судски трошоци или вкупна такса од 11.000 евра. Овој случај, ракометарот го даде на суд, а клубот изгуби, со одлука од Апелација дека бил отстранет без ниту еден доказ. Се на се, оваа управа во овие 3 месеци санираше долг повеќе од 115.000 евра. И сега и натаму се затвораат и понатамошните долгови кои ни доаѓаат. Би можел да зборувам уште многу за недомаќинското финансиско  работење на претходната управа. Но нашата цел не е ниту да се жалиме, ниту да се оправдуваме. Само да ја кажеме состојбата во која го затекнавме клубот. Овој извештај ќе биде поднесен до Советот каде на седница ќе се разговара за деталите кој и како ги трошел тие финансиски средства“, истакна техничкот директор на РК Пелистер, Борче Корлевски.

Корлевски рече дека имаат дилема која виси во воздух за играчот Мохамед Ради:

„Тој според договорот што го имаме и понатаму е наш играч, но несреќниот случај со неговото семејство за овој тинејџер, но еден од најдобрите во Африка, доколку одлучи управата и тренерот би го употребиле во наредната сезона, рече Корлевски.

Што се однесува пак за условите за работа, Корлевски истакна дека РК Пелистер го затекнале без сопствени топки.

„Се работеше паралелно и за подобрување на условите за натпревар и тренинг. Донесена е нова опрема за тренинг, натпреварувачка опрема со спонзорот од Хумел, дресови и топки. Сакам да напоменам, управата кога дојде, ракометниот клуб го затекна за прв пат без сопствени топки,“ рече тој.

Новата управа максимално работеше и на новите простории, каде ниту еден денар не беше вложен од сметката на РК Пелистер, потенцираа на денешната прес-конференција. Новите простории ќе бидат отворени во среда, а во меѓувреме ќе ја известат јавноста за повеќе детали. Велат, просториите ги нашле во очајна состојба, но со помош на голем број фирми, ги средиле просториите на клубот за да бидат дом не само на клубот, туку и на Чкембарите, но и на љубителите на ракометот. Најавија дека отсега па натаму, без разлика дали ќе победат или изгубат, веднаш после натпреварот со гостинската екипа ќе доаѓаат во овие простории.

„Резултатите изостануваат, покрај првото место во полусезоната, мислам дека овие неколку натпревари, дисбалансот негативно се одрази врз екипата и целокупното работење, но се надевам дека со текот на времето и со назначувањето на новиот тренер дека екипата ќе се консолидира и ќе се врати на победничките шатеки. Јавно им се заблагодарувам на бизнисмените од Битола кои се вклучија активно и помогнаа во реновирањето и подобрување на условите на РК Пелистер. Фирми кои го сакаат спортот и апелирам до сите, не само бизнисмени кои можат финансиски да помогнат, туку и љубителите на ракометната игра, едноставно да причекаат и да бидат трпеливи за успесите на клубот. Со овие финансиски средства се трудиме најдомаќински да ги искористиме. Со овие пари би сакал да напоменам дека не можеме да направиме незнам каков успех и да ги стигнеме Вардар или Металург. Со овие средства не можеме да се вратиме на старите патеки, и затоа апелирам до бизнис секторот и секој кој може да помогне финансиски, секоја помош е добредојдена“, рече Сашо Шамбевски, генерален директор на РК Пелистер.

Во просториите се поставени сите освоени пехари, има катче каде што ракометарите можат да ги прегледуваат натпреварите, а наскоро ќе бидат поставени и фотографии од ракометниот клуб низ историјата и неговите успеси.

GOLD
To Top