Новости

Битола инфо

Започна изградбата на стадионот во Битола

На стадионот под Тумбе кафе во Битола започна реализацијата на проектот за изградба на северната трибина на стадионот под Тумбе кафе и реконструкција на јужната трибина. Со реализацијата на овој проект, вреден над 5 милиони евра, општина Битола ќе добие стадион изграден според најсовремени европски стандарди со сите потребни инфраструктурни услови за меѓународни натпревари. Проектот ќе биде реализиран за помалку од две години.

stadion-2

„Веќе неколку дена овој проект се реализира. Знаете дека работиме во ентериерот, се ослободуваат дел од просториите кои што ги имавме на северната трибина на стадионот под Тумбе кафе, а кога тие активности ќе бидат завршени започнува рушење на северната трибина, со што започнува реализацијата на долгонајавуваниот проект за стадион под Тумбе кафе. Во оваа фаза работиме на северната трибина, а истата ќе ја работи ГП Гранит, кој веќе ги започна активностите според својот динамичен план. Морам да нагласам дека изминатиот период потрошивме доста време кое што беше потребно за да се изработи проектот, потоа потребно беше да заврши тендерската постапка за избор на изведувачи и веќе два месеци Гранит е подготвен за работа, но ги испочитувавме желбите на фудбалерите кои на 30 ти минатиот месец го имаа последниот натпревар и сега ставени се заштитните огради и започнува рушењето на трибината. Ова е сепак еден историски момент затоа што Битола ќе го добие она што со децении го немаше, а го заслужува“, изјави градоначалникот на општината Битола, Владимир Талески.

stadion-3-1

Паралелно со овој проект, Општина Битола, даде свој придонес кон засилување на своите клубови, за што потврда е напредокот на ФК Пелистер, но и поддршката која ја доби ракометниот клуб, кошаркарскиот, одбојката и другите спортови, што пак, говори за исполнетоста на дадените ветувања од страна на локалната самоуправа. Поддршката на екипните и поединечните спортови, подобрувањето на инфраструктурата и реализацијата на конкретните проекти потврдуваат дека Општина Битола станува спортски град, а локалната самоуправа континуирано вложува во развојот на спортот.

„Паралелно со рушењето на северната трибина, деновиве потпишуваме договор за реконструкција на спортската сала „Младост“, каде што активностите очекуваме да започнат за десетина дена. Таму исто така, ќе создадеме услови за европски натпревари. Во првата фаза, гледалиштето ќе биде проширено, ќе биде поставен нов паркет, нов семафор и столчиња за посетителите. Во втората фаза, ќе биде извршена реконструкција на соблекувалните и тоалетите, така што влегуваме во една фаза која што ќе беше многу понапредната доколку не постоеше политичката криза во Република Македонија, изјави градоначалникот Талески, нагласувајќи дека соработката помеѓу локалната и централната власт е на високо нив за што потврдуваат проектите кои се предвидени да се реализираат на централно ниво, а се насочени кон изградба на спортски комплекс во Битола.

stadion-6

За изградбата на предвидениот спортски комплекс, општина Битола има подготвена планска документација, а истиот предвидува нова спортска сала со 6000 гледачи во поранешната касарна, уште една мала сала во спортската сала, гимнастичка и сала за боречки вештини, како и покриен базен со олимписки димензии и паркинг простор. Покрај споменатите тековни и планирани проекти, во април годинава, се изврши примопредавање на комплетно нов терен со вграден дренажен систем и наводнување на теренот од фудбалското игралиште под Тумбе кафе, кое беше дел од договорот помеѓу општината Битола и Фудбалската Федерација на Македонија и истото е дел од хет трик програмата на УЕФА во вредност од 800 000,00 евра. Проектот вклучува и осветлување со рефлектори, кои ќе бидат поставени во идниот период.

GOLD
To Top