Новости

Балкан

Генерален штрајк во Грција: Транспортот, банките, медиумите се затворени на 24 часа

Штрајкувачкиот одбор на повеќе медиумски синдикати соопшти дека вработените во медиумите се обединети и ги поддржуваат работниците низ целата земја.

Сите приватни и државни медиуми во Грција денес стапија во 24-часовен штрајк, придружувајќи му се на генералниот штрајк на работници, организиран од Генералната конфедерација на вработените во Грција.

Штрајкот ќе трае од шест часот наутро во среда, до истото време во четврток.

Најавени се и протести со почеток во 10:30 часот во Атина и Солун, јави Екатимерини.

Вработените во медиумите се обединети и ги поддржуваат работниците низ целата земја кои штрајкуваат истиот ден. Ние јасно кажуваме „НЕ“ на нацрт-законот за развој што удира во срцето на индивидуалните и работничките права“, се вели во соопштението на штрајкувачкиот одбор на повеќе медиумски синдикати.

Синдикатите преговараат со владата за законските прописи за законот за работни односи и законот за синдикат што се вметнати во нацрт-законот за развој што владата го усвои во парламентот, а најголемите забелешки синдикатите ги имаат за некои одредби за кои велат дека им овозможуваат на работодавците да ги контролираат синдикатите и да спроведуваат колективни договори за работа.

Инаку, железницата, бродовите, подземната железница, банките нема да работат во текот на штрајкот, а скратено е работното време и на автобусите и тролејбусите во Атина, додека јавниот превоз во Солун е целосно суспендиран.

За време на штрајкот наставата на универзитетите ќе биде прекината од 11 до 14 часот, а работата во болниците од 10 до 15 часот.

GOLD
To Top