Новости

Балкан

Грција трета на листата најголеми странски инвеститори во Македонија

Ќе донесе ли имплементацијата на Преспанскиот договор заживување на економските односи меѓу Македонија и Грција е прашање што се заслужува внимание, имајќи предвид што стопанствениците од двете земји досега повеќепати укажувале дека спорот за името создава пречки за нормално функционирање на економските врски и потпишување договори за олеснување на соработката.

И покрај политичките недоразбирања, податоците на Народната банка за периодот 1997-2017 година откриваат дека во изминативе две децении Грција со инвестиции од 473 милиони евра е на третото место на листата најголеми странски инвеститори во земјава. Пред неа на листата се Австрија со инвестиции од 637 милиони евра и Велика Британија со вложени 531 милиони евра.

Во овој период во Македонија влегле вкупни странски директни инвестици од 4,7 милијарди евра што значи дека Грција учествува со 10,1 отсто во вкупните инвестиции.

Се проценува дека во нашата земја работат околу 300 компании со грчки капитал во трговијата, текстилната, услужната и тешката индустрија, а меѓу најголемите инвестиции се купувањето на Стопанска банка Скопје од Националната банка на Грција, „Окта“ од „Хеленик Петролеум“, „Цементарница Усје“ од „Титан“, „Мермерен комбинат“ од „Павлидис мермер и гранит“ и „Енерџи деливири солушнс“ од „ППЦ“.

Од друга страна, од вкупно 100 милиони евра директни инвестиции од Македонија во странство во периодот 1997-2017 година заклучно со 2015 година во Грција биле пласирани 4,7 милиони евра. Оттогаш наваму нашата земја има минусно инвестициско салдо кон Грција односно има само поврат на вложениот капитал, а нема нови инвестиции пренесува мета.

GOLD
To Top