Новости

Балкан

Грчкиот парламент денеска попладне гласа за Договорот од Преспа, најавени нови протести во Атина

Грчкиот парламент денеска попладне, на крајот од тридневната жестока дебата, ќе гласа за ратификацијата на Договорот од Преспа, со што треба да се стави крај на 27-годишниот спор за името помеѓу Атина и Скопје и на Македонија да ѝ ги отвори вратите на придружување кон НАТО и Европска Унија.

И покрај острата реторика на опозицијата и протестите во Атина и Солун за време на дебатата, грчките медиуми најавуваат дека премиерот Алексис Ципрас ќе успее во намерата да го ратификува Договорот, откако истото претходно го направи и македонското Собрание, оценувајќи го тоа како историски чекор. На Ципрас ќе му бидат доволни и половина од присутните пратеници за усвојување на Договорот, додека тој сака да го оствари тоа со апсолутно мнозинство од 151 пратеник.

Сепак, според последното испитување на јавното мислење, 62% од испитаниците сметаат дека Договорот е лош.

Спикерот на парламентот Никос Вуцис кажа дека околу 230 пратеници се пријавиле за збор, додека во исто време, неколку илјади луѓе протестираа пред парламентарната зграда, извикувајќи „Предавници“ и „Да живее Македонија, да живее Грција“. Полицијата синоќа се судри со демонстрантите на плоштадот Синтагма, при што употреби и солзавец.

„Се наоѓаме на еден чекор пред историски настан“, кажа Ципрас, додека лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, го опиша Договорот како „национален пораз“.

„Договорот од Преспа никогаш не требаше да биде потпишан. Тој е национална грешка, спротивен на историјата и вистината“, кажа Мицотакис, заканувајќи се дека ќе стави вето на приемот на Македонија во Европска Унија ако биде премиер.

Нови протести во Атина се закажани за денеска, во пресрет на гласањето, кое треба да се случи околу 13.30 часот по македонско време пренесува сдк.

GOLD
To Top