Новости

Балкан

Земјите од Балканот стареат, масовното иселување една од причините

Земјите од Балканот се соочуваат со демографски пад каков што не е забележан досега, а предвидувањата се дека овој тренд ќе продолжи доколку властите во овие држави не преземат долгорочни мерки.

Проекциите на Обединетите нации покажуваат дека до 2050 година во сите држави од Балканот ќе се намали бројот на населението. Најмногу на удар е Бугарија, а по неа следуваат Хрватска и Босна и Херцеговина.

Според податоците на бугарскиот Завод за статистика, оваа држава во периодот од 1989 до 2017 година изгубила два милиони жители, а како главни причини за тоа се наведуваат падот на наталитетот и економската миграција. Доколку овој тренд продолжи, предвидувањата се дека до 2050 година бројот на жители во оваа земја ќе падне на 5,2 милиони жители за разлика од 2017 година, кога имало седум милиони жители. Ситуацијата е слична и во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Во соседна Србија во првата деценија на овој век, според пописот од 2011 година, заминале 150 илјади луѓе или просечно 16.000 годишно. Просечната возраст на иселениците била 28,7 години, а една петтина биле со вишо или високо образование. Статистиката на ОЕЦД, пак, покажува дека само во земјите членки на Европската Унија, просечниот прилив на работници од Србија се движи од рекордни 60.000, колку што си заминале во 2015 година, до сегашните околу 35.000 луѓе годишно, но тука се вклучени само миграциите во земјите членки на ОЕЦД.

Очекувањата за нашата држава се слични како оние за останатите земји од регионот. Така, прогнозите на Обединетите нации се дека до 2050 година ќе има еден милион 931 илјада жители и земјата ќе бележи негативен природен прираст од -7,3.

Демографите предупредуваат дека иселувањето станува сè поизразено и оти сè поголем број села се празни, а државите влегуваат во длабока демографска старост. Младите, а сега и цели семејства, заминуваат во странство, притоа не размислувајќи да се вратат назад во матичната држава. Причините за заминување се различни – од подобра заработка до разочараност од нефункционалноста на државата.

Невработеноста и постоењето корупција и партизација се наведуваат како главни причини за иселувањето на младите и во студијата што неодамна ја објави германската фондација „Фридрих Еберт”. Анализирајќи ја состојбата на младите во шест држави од Западен Балкан во однос на нивните врсници од четири држави од Југоисточна Европа кои се членки на ЕУ, во студијата се посочува дека невработеноста е проблем за целиот регион, а барањето врски и плаќањето мито се широко распространети во регионот на Југоисточна Европа. Голем број од младите кои биле испитани навеле дека постојат случаи на купување испити и дипломи, а за да се добие работа, потребно е членство во некоја политичка партија.

Покрај младите, голем е процентот и на оние кои се добро платени во сопствената држава, но сепак заминуваат поради разочараност од непотизам, вработување преку врски, нефункционалност на судството, непочитување на законот…

– Добро сме ситуирани. Имам добро платена работа, немаме кредити, а решено ни е и станбеното прашање. Сепак, размислуваме да заминеме од државата пред сè заради децата, за да имаат подобра иднина. Сакаме да им овозможиме добро образование и подобри услови за живот, вели скопјанката Д. Ј.

Експертите предупредуваат дека земјите што се соочуваат со масовно иселување мора да ги сфатат причините за иселувањето и да најдат адекватни решенија за да се надмине „демографскиот колапс” што им се заканува на државите.

Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој има направено анализа за 23 држави од Средна, Источна и Југоисточна Европа, смета дека властите во овие земји треба уште сега да донесат долгорочни мерки со кои би се спречил овој т

Последиците од масовното иселување се долгорочни за општеството. Освен намалување на бројот на жители и опасност од изумирање на цели населени места, општествата се соочуваат и со недостиг на работна сила и квалитетен кадар. Така, сè повеќе има дефицит на лекари, медицински сестри и друг медицински персонал, градежници, водоинсталатери, пекари, ИТ-техничари, просветни работници…, а поради намален интерес во некои држави се укинуваат и одредени програми во училиштата.

Според Виенскиот институт за меѓународни економски студии, државите како Бугарија и Хрватска до 2045 година можат да изгубат најмалку 20 отсто од работната сила, што долгорочно би имало негативни последици врз развојот на општеството.

Институтот за развој на иновации во Србија, кој истражувал колку ја чини Србија тоа што заминува работоспособното население, укажува дека во најповолен случај инвестицијата што државата ја вложува во образование на младите, а потоа ја губи со нивното заминување во друга држава, чини околу 300 милиони евра, а во најлош случај дури 1,2 милијарда евра.

Според пресметките од оваа студија, вкупните трошоци кои државата и семејството ги имаат за да се заврши основно училиште изнесуваат 13.572 евра по лице, до крајот на средното училиште износот се зголемува на 20.854 евра, додипломски – 34.139 евра, а за докторски студии се потребни 54.576 евра.

Дефицит на квалификуван кадар има и во нашата земја. Бизнисмените не можат да најдат соодветно квалификувани работници. Анализите на Сојузот на стопанските комори покажуваат дека кај компаниите голема е потребата од кадар од машинските и електроструките, поточно потребни се заварувачи, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ-машини, ИТ-техничари, бравари, водоинсталатери, електротехничари и ѕидари. Евидентна е и потребата од здравствени работници, фармацевти, одржувачи на хигиена, пекари…

– Недостигот од квалификувана работна сила во македонската економија е сѐ

поизразен, а дисбалансот на пазарот на трудот е предизвик за стопанствениците, велат од Сојузот на стопанските комори.

Една од препораките на експертите и на компаниите е да се направат реформи во образовниот систем и тој да се усогласи со барањата на пазарот на трудот за да се намали невработеноста, која е една од причините за иселувањето. На краток рок се препорачува спроведување разни дополнителни обуки и курсеви со кои ќе се оспособат младите да излезат подготвени на пазарот на трудот.

Со цел да се задржат младите да не ја напуштаат државата, Владата веќе работи на мерки кои се во насока на подобрување на животниот стандард. Дел од мерките од кои се очекуваат резултати се зголемување на минималната плата, зголемување на странските и домашните инвестиции со кои треба да се отворат нови работни места, поддршка за отворање нови бизниси и за самовработување, финансиска поддршка за младите земјоделци, зголемување на средствата за ученичкиот и студенскиот стандард…

Нема официјални податоци колку македонски државјани привремено живеат надвор од државата. Најпосакувани дестинации за нашите граѓани се Германија и Швајцарија.

МИА

GOLD
To Top