Новости

Балкан

Имамоглу нов градоначалник на Истанбул, Ердоган призна пораз

Кандидатот на опозициската Републиканска народна партија, Екрем Имамоглу, кој ги доби изборите за градоначалник на Истанбул, вети „нов почеток” во градот и изрази подготвеност за соработка со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Имамоглу освои 54 отсто од гласовите, оставајќи го зад себе кандидат на владејачката АКП и поранешен премиер Бинали Јилдирим.

Имамоглу победи на изборите на 31 март и беше градоначалник 18 дена, но изборната комисија, по жалба на АКП, ги поништи тие резултати поради неправилности.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му честиташе на лидерот на опозицијата, Екрем Имамоглу, за победата во повторното гласање за градоначалникот на Истанбул.

„Му честитам на Екрем Имамоглу, кој победи според неофицијалните резултати”, напиша Ердоган на Твитер.

Разликата во гласовите помеѓу двата кандидата беше значително повисока отколку во март.

Во март, разликата беше 13.000 гласови во корист на опозицискиот кандидат, додека сега разликата се зголеми на над 777.000 гласови.

Со тој резултат партијата на Ердоган ја загуби власта во Истанбул по 25 години. Покрај Истанбул, Ердоган загуби и во Измир и Анкара во март.

GOLD
To Top