Новости

Балкан

Коронавирус во регионот: Во Грција потврден првиот случај, во другите земји само сомнителни случаи

Во Грција е потврден првиот позитивен случај на коронавирус. Се работи за 38-годишна Гркинка од Солун која неодамна патувала во Италија. Се прават проверки на сите со кои таа била во контакт и сите ќе бидат ставени под надзор.

Грција по Хрватска е втората земја од поширокиот регион каде што се регистрирани случаи на заболени со овој вирус.

Во Хрватска е потврден и вториот случај на заразен, кој е брат близнак на првиот случај што беше потврден вчера. Во тек се тестирања и на сите што имале блиски контакти со двајцата заразени.

Во другите земји во регионот има случаи што се следат, но засега не се потврдени. Во Бугарија во Воената медицинска академија (ВМА) во Софија ноќеска се примени две лица кои пристигнале од Италија и се под надзор затоа што имаат минимални симптоми слични на грип.

На Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово денеска, под сомнение дека се заразени со коронавирус, се хоспитализирани едно лице по потекло од Кина и две лица кои допатувале од Италија.

Извори од болницата за порталот „Газета експрес“ изјавија дека 28-годишниот кинески државјанин нема нагласени симптоми на болеста која потекнува од неговата земја, меѓутоа по изразените сомневања и загриженост тој самиот се јавил на инфективната клиника.

Покрај Кинезот, во приштинската болница се примени и 27-годишна жена која студира во Пjаченца, во близина на Рим и 39-годишен маж кој работи во Милано.

Од сите нив се земени примероци за анализа, а од болницата најавуваат дека резултатите ќе бидат објавени во наредните неколку часа.

Во текот на вчерашниот ден на инфективната клиника беа примени три лица кои допатувале од Италија и за кои постоело сомнение дека се заразени со смртоносниот вирус ковид-19. Меѓутоа, како и во неколкуте други случаи во минатите денови, резултатите од анализите беа негативни.

Во Србија досега се тестирани 14 сомнителни случаи, но ниту еден не е потврден.

Во Црна Гора моментално има 184 лица под здравствено-санитарен надзор поради актуелниот коронавирус.

Нивната состојба постојано се следи и лицата под надзор мораат да се јавуваат во здравствените установи двапати на ден.

Словенија, каде што тестирањата на сите сомнителни случаи се негативни, се соочува со масовно празнење на маркетите и складирање храна што започна откако се проширија информациите за први заразени лица во соседните Австрија и Хрватска и најавите од здравствените власти дека е само прашање на време кога ќе се појави вирусот и во Словенија.

Најпогодена од коронавирусот во Европа е Италија. Според последните податоци, бројот на жртви од вирусот достигна 11, а заразените се над 320. Повеќето од заболените живеат во северните области Ломбардија и Венето.

GOLD
To Top