Новости

Балкан

Мицотакис денеска го добива мандатот за Влада, Ципрас верува дека Сириза брзо ќе се врати на власт

Киријакос Мицотакис денеска ќе ја даде свечената заклетва како нов премиер на Грција во Претседателската палата и ќе го добие мандатот да состави Влада по убедливата победа на Нова Демократија против Сириза на Алексис Ципрас по вчерашните предвремени парламентарни избори во Грција.

Претходно, актуелниот претседател на грчкиот парламент, Никос Вуцис, ќе оди во Претседателската палата за да го информира претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, за исходот на изборите. Утре се очекува да се објави составот на новата влада, а новиот кабинет ќе се состане за прв пат в среда.

Нова Демократија обезбеди апсолутно мнозинство од 159 пратеници од можни 300, додека Сириза има 86. Остатокот од распределбата е кај четири помали коалиции.

Премиерот во заминување Алексис Ципрас нагласи дека секој што се бори знае да изгуби, но исто така и да стане кога ќе падне. “Ние ќе работиме со тврдоглавост за да го направиме поразот привремен”, изјави првично тој.

Тој призна дека Сириза не успеа да претвори значителен дел од гласачите во 2015 година во стабилни “симпатизери”, но истакна дека ќе го искористи сегашниот резултат да создаде длабоки и широки врски со општеството. Вели дека Сириза прераснала во партија со многу членови и широка база на лојални гласачи и “големо, модерно, масовно движење” на прогресивен развој,.

Ципрас истакна дека ќе дејствуваат како динамична опозиција, фокусирајќи се на заштитата на правата на работниците и социјалната компонента и нагласи дека се надева дека Нова Демократија нема да ги деградира претходно превземените социјални реформи и мерки.

“Им благодарам на Грците за нивната доверба … Сите ние одиме заедно, обединети напред. Ќе работам за да ги убедам сите дека сум премиер на сите … Многу сме малку за да се делиме, ги знам тешкотиите што ме чекаат”, рече Киријакос Мицотакис. “Јас сум посветен на ефикасна држава, пониски даноци и силен раст. Владата ќе работи цело лето, можеме заедно да ја испишеме нашата сопствена историја“.

GOLD
To Top