Новости

Балкан

Над 50 пожари во Грција, најалармантно на Евиа-евакуирани четири села

Во Грција се мобилизирани над илјада пожарникари, бидејќи од понеделникот шумски пожари избувнаа на над 50 места, а најголемиот е на островот Евиа каде што е прогласена вонредна состојба. Најалармантна е ситуацијата во централниот дел на островот каде е зафатена борова шума, а огнот се шири поради силните ветрови.

Чадот што се шири од пожарот го покри полуостровот Атика, вклучувајќи ја и Атина, која е оддалечена околу 110 километри.

Четири од најблиските села се евакуирани, а околу 227 пожарникари со 75 возила, со поддршка од 6 авиони и 6 хеликоптери се борат со огнот. Во акцијата се вклучени и волонтери и припадници на армијата.

Во меѓувреме, започна и истрага за причините за овој пожар. Поради ситуацијата премиерот Киријакос Мицотакис го прекина годишниот одмор.

Десетици пожарникари, два канадери и хеликоптер се борат со пожари и на островот Тасос.

Трет шумски пожар има кај Теба, северозападно од Атина, а парковите и шумските области во Грција се затворени за јавноста поради зголемен ризик од пожар.

Неконтролирани шумски пожари има уште во најмалку четири грчки региони. Во последните три дена пожарникарите интервенирале 182 пати.

GOLD
To Top