Новости

Балкан

Најмалку 18 лица загинати во земјотресот во Албанија, цела Европа праќа помош

Две тела се извадени од урнатините на хотел во Драч, со што бројот на загинати во најсилниот земјотрес во Албанија во последните неколку децении порасна на 18, а има и над 600 повредени.

Со епицентар на 34 километри северозападно од Тирана, земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтерова скала најголеми штети и жртви предизвикал во Драч и Тумане и непознато е колку луѓе има уште под урнатините. Голем број европски земји испраќаат помош во вид на луѓе и опрема.

„Медицинските тимови згрижија повеќе од 600 луѓе, од кои девет се во критична состојба. Драч и Тумане се најтешко погодените области, со голема материјална штета и изгубени животи. Ова е крајно опасна операција, затоа што мора да се работи многу бавно“, изјави министерот за одбрана Олта Џака.

Земјотресот се почувствува на целиот Балкан, сѐ до Нови Сад, како и во Италија.

Експертите предупредуваат дека во наредните часови и денови можат да се очекуваат уште земјотреси.

„Сигурно ќе има афтершок во рангот на 5,9 степени“, вели Етимиос Лекас, еден од најугледните сеизмолози во регионот.

Во 1979 година, Албанија ја погоди земјотрес со јачина од 6,9 степени, при што загинаа 136 луѓе.

GOLD
To Top