Новости

Балкан

Почина уште еден патник од превртениот автобус кај Лесковац

Бројот на загинати во превртениот македонски автобус кај Лесковац се искачи на четири, откако недела дена по сообраќајната несреќа почина уште еден патник, објави српскиот весник „Блиц“. Станува збор за македонската државјанка С.Т., која починала во болницата во Ниш, откако била тешко повредена на 16 декември.

Како што објави „Блиц“, патничката имала скршеници на карлицата кои што довеле до пукање на бешиката. Таа била приклучена на апарати за дишење, со уште една друга повредена патничка. Во болницата во Ниш беа донесени уште четири потешко повредени патници и нивната состојба е стабилизирана.

На местото на несреќата загинаа тројца патници, а 32-ца беа повредени. Од нив 14 беа хоспитализирани, а останатите по укажаната медицинска помош беа сместени во хотел.

Автобусот на струшката компанија „Еуробус“ на 15 декември во 19 часот тргнал од Битола за Виена и околу 1.40 часот минатата недела наутро се преврте во близина на Лесковац.

Истрагата на српските власти за утврдување на причините за несреќата е во тек.

GOLD
To Top