Новости

Балкан

Бугарија најави 150.000 вакцини за земјите од Западен Балкан, чека дозвола од ЕУ

Бугарија планира да обезбеди околу 150.000 вакцини против Kовид-19 за нејзините балкански соседи, изјави денеска бугарскиот министер за здравство, Стојко Кацаров.

„Идејата е да се дистрибуираат до 150.000 дози меѓу нашите соседни земји на Западен Балкан“, рече Кацаров пред новинарите, истакнувајќи дека официјална Софија добила барања од Северна Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
„Нашите потреби се целосно покриени, така што нема опасност за Бугарија да остане без вакцини “, додаде тој.
Министерот исто така изјави дека утре треба да пристигне одговор од Европската комисија во врска со тоа како точно треба да дејствува Бугарија и дали може да донира или продава дози.

Тој истакна дека Бугарија сака да донира претежно вакцини на „Астра зенека“.

Бугарскиот претседател Румен Радев минатата недела изјави дека Софија планира да донира значителни количини вакцини за Северна Македонија, што според „Ројтерс“, би можело да помогне во подобрување на затегнатите односи меѓу двете земји, кои беа нарушени од бугарското вето на разговорите на Северна Македонија за пристапување во ЕУ.

Бугарија има најниска стапка на вакцинација во ЕУ, но Кацаров вели дека неговата земја договорила дози од 13 до 14 милиони според европската шема за дистрибуција на вакцини до крајот на годината и може да си дозволи да им помага на другите земји.

GOLD
To Top