Новости

Балкан

Во Србија младите ќе можат да аплицираат за државна помош од 5.000 динари

Пријавувањето за новата еднократна државна помош од 5.000 динари (42,6 евра), наменета за младите во Србија, почнува утре и ќе трае до 15 декември, јави дописникот на МИА од Белград.

– Младите на возраст од 16 до 29 години вечерва точно на полноќ можат да аплицираат за еднократна парична помош од 5.000 динари. Пријавувањето се врши преку порталот на Управата за финансии (idp.trezor.gov.rs), а ќе биде можно до 15 декември. По внесувањето на основните лични податоци (ЕMБГ, број на лична карта и име на банка), на младите им се заведува пријава чиј статус можат да го проверат на споменатиот портал, изјави српскиот министер за финансии Синиша Мали.

Постапката ќе биде иста како и претходните двапати, во февруари и јуни, кога младите добија по 100 евра од државата.

Како што е наведено, за помош можат да аплицираат државјани на Србија со важечка лична карта и престој во земјата, кои до почетокот на пријавувањето наполниле 16 години, а до тој датум не наполниле 30 години.

Министерството за финансии претходно објави дека двојната помош од по 100 евра добиле приближно 1,06 милиони млади луѓе во Србија.

Евротип
SNBROKER
To Top