Новости

Балкан

Вучиќ: Убеден сум дека Путин не блефира

Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ги пораките на шефот на руската држава за можната реакција на Кремљ, рече дека верува оти Владимир Путин не блефира кога зборува за неговите понатамошни потези.

Во своето обраќање до нацијата утринава, по декретот за мобилизација на дополнителни сили на руската армија, Путин повторно му се закани на Западот. „Доколку е загрозен територијалниот интегритет на нашата земја, ќе одговориме со сѐ што ни е на располагање за да ги заштитиме Русија и нашиот народ. Ова не е блеф“, рече Путин.

Вучиќ во интервју за американската ТВ мрежа Њусмакс изрази очекување дека ќе завладее мир и дека ќе се постигне компромисно решение меѓу Русија и Украина. Новинарот на „Њузмакс“ рече дека Западот е загрижен поради обраќањето и изјавата на Путин за можно искористување на сите воени капацитети и го праша Вучиќ, кој неколкупати се сретнал со рускиот лидер, дали мисли дека рускиот претседател блефира.

„Во Србија се надеваме дека мирот ќе завладее и дека сите ќе направат сѐ за да се постигне компромисно решение. Не можам да зборувам како воен аналитичар, туку како претседател, но да, точно е, сум се сретнал со претседателот Путин многу пати и не верувам дека блефира“, изјави Вучиќ, кој е во Њујорк по повод состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Во текот на емисијата водителите спомнаа дека Србија има добри односи со Русија и го прашаа Вучиќ каков е односот на Србија кон конфликтот во Украина, јави Танјуг. „Имаме традиционално добри односи со Русија и Украина“, нагласи Вучиќ, посочувајќи дека Србија не зазема страна на никого и дека секогаш ќе ја осудува војната.

Евротип
SNBROKER
To Top