Новости

Балкан

Грција го олесни влезот за државјаните на земјите од зелената ковид листа

За државјаните од овие земји дозволен ќе биде влез со брз тест за ковид наместо со ПЦР, а за децата под 12 години, нема да биде потребен тест
За оние од портокаловата и црвената листа, правилата остануваат непроменети, односно задолжителен е тест за сите со наполнети шест години
Министерството за здравство на Грција објави дека ги олеснува правилата за влез во земјата за државјаните од земјите од тнр. зелена листа.

Како што јави МИА, заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас објавил дека за нив ќе биде дозволен влез со брз тест за ковид наместо со ПЦР, а за децата под 12 години, нема да биде потребен тест. За оние од портокаловата и од црвената листа, правилата остануваат непроменети, односно задолжителен е тест за сите со наполнети шест години.

„За земјите од портокаловата листа, дозволен е влез на лица кои се вакцинирани со вакцините признати од нашата земја или со направен ПЦР тест 72 часа пред нивното заминување. Исклучени од оваа одредба се граѓаните од земјите кои се наоѓаат на црвената листа и за кои продолжува да важи одредбата за карантин од седум дена“,

рече Хардаљас.
Повеќе луѓе во продавница, без маски во теретани
Во однос на мерките во Грција, за да се избегнат редиците пред продавниците, од сабота, во внатрешноста, ќе биде дозволено по едно лице на 16 метри квадратни, а не на 25 како што беше досега, ќе се отворат игротеките, но само на отворено, а одново ќе бидат отворени и луна парковите.

Од 1 јули, ќе почнат да работат и кино-салите со 50 отсто од капацитетот, а за посетителите задолжителен ќе биде или негативен тест или сертификат за вакцинација.

Надлежната комисија одлучила, вакцинираните да можат да вежбаат без маска во фитнес центрите.

ЕУ ја тргна Македонија од ризичните земји
Амбасадорите на ЕУ вчера се согласија дека за Северна Македонија, Албанија и Србија треба да се укинат рестрикциите за несуштински патувања, одлуката треба да биде официјализирана во следните денови.

Одлуката сега треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи на сила, најверојатно во петок. Прашањето е техничко и не би требало да покрене каков било политички проблем.

Останува дека и за несуштински патувања, лицата од овие три земји треба да бидат или целосно вакцинирани со вакцина одобрена од страна на ЕУ или на Светската здравствена организација, или да приложат негативен ПЦР тест.

На почетокот на пандемијата, сите земји на ЕУ, освен Ирска, забранија несуштинско патување, освен во одредени околности. Државите што не се членки на ЕУ, Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија и Исланд, исто така учествуваа во забраната за влез.

GOLD
To Top