Новости

Балкан

Мицотакис најави второ зголемување на минималната плата

Второ зголемување на минималната плата за 2022 година, најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

-Побарав од министерот за труд веднаш да го започне процесот за второ покачување на минималната плата, кое ќе се примени од 1 мај годинава, истакна Мицотакис и додаде дека станува збор за „значајно зголемување“, кое ќе биде „многу поголемо“ од покачувањето за два отсто воведено од 1 јануари 2022 година.

Во однос на пандемијата, грчкиот премиер рече дека постои умерен оптимизам за Омикрон сојот, објасни дека по брзото зголемување на новозаразените на крајот од минатиот месец, сега постои деескалација, а податоците покажуваат дека новата варијанта „горе-долу наликува на летна бура: висок интензитет, брзо се интензивира, но и брзо заминува“.

Со оглед на тоа од 16 јануари стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на граѓаните над 60 години, Мицотакис рече дека засега, Владата нема намера да ја прошири задолжителната вакцинација и на други категории, но и уште еднаш повтори дека целосно вакциниран се смета оној кој ја примил и бустер дозата.

-За некој да биде целосно вакциниран, треба да има примено три дози. И ова веќе е и законски регулирано. Не се смета за целосно вакциниран оној кој седум месеци по втората доза не примил третата. Па така не ги ужива сите привилегии, слободата што ја придружува сертификатот за вакцинација, објасни грчкиот премиер.

Додаде дека процената на експертите е дека во одреден момент пандемијата ќе стане ендемична, а можеби тоа да се случи и со Омикрон сојот.

Дополнително, Мицотакис во интервјуто, уште еднаш ги отфрли сценаријата за воведување целосен карантин во земјата.

Евротип
SNBROKER
To Top