Новости

Балкан

На зимување во Бугарија – скијачките центри во земјава оваа зима затворени

Љубителите на зимските спортови оваа сезона, адреналинот ќе треба да го пренасочат кон соседните земји. Одлуката која Владата ја донесе во март за затворање на скијачките центри останува на сила и во текот на зимата.

„Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 03.11.2020 година, донесе одлука за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест covid-19 предизвикана од вирусот sars-cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена, при што се наредува и мерката дека се затвораат за посетители – гости зимските скијачки центри“, велат од Влада.

Ова следува по зголемениот број на заразени лица од коронавирус, а епидемиолозите токму зимувањето го гледаат како дополнителен проблем.

Од скијачката федерација на Македонија велат дека одлуките на Владата од месец март, повторно се објавени во Службен весник на 4-ти ноември, еден ден по одржувањето на владината седница.

„Ски центрите самите се подготвуваат за новата сезона, треба да знаат, бидејќи веќе се продаваат и годишни карти за деца, клубови и лица кои сакаат да скијаат. Сега треба да се направи се тоа, а не 5 до 12 да се чека дали ќе се скија или не“, велат од скијачката федерација на Македонија.

Од Владата остануваат на нивниот став и донесената одлука на владината седница. Од таму за ТВ21 велат дека одлуката е непроменета од март 2020 година, кога првично беше затворен Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово.

Од скијачката федерација потенцираат дека кај нас инфраструктурата која ја има на ски терените дозволува почитување на пропишаните протоколи.

„Кај нас скијачката инфраструктура го дозволува тоа. Ние немаме гондоли, имаме ски лифтови кои сакал, не сакал мораш да се возиш сам на лифт. Од нас е препораката, дека треба да се внимава околу рестораните и бачилата да има зголемено внимание, но ќе повторам на ски терените со оптимален број на продадени карти во текот на денот може да се постигне да нема редици и скијањето да функционира нормално, без застој“, додаваат од скијачката федерација на Македонија.

Додаваат дека ова би се одразило врз туризмот и економијата.

Додека кај нас се забрануваат, во Бугарија на големо се најавува почетокот на новата сезона. Зимската туристичка сезона ќе започне со зголемени безбедносни мерки.

За влез во Бугарија потребен ви е негативен PCR тест, за што веќе има барање за негово укинување од страна на индустријата и локалните власти. Владата на Бугарија креираше и видео спотови за рекламирање на домашниот пазар во земјите на Балканот и истите се емитуваат на 20 ТВ канали.

Според актуелните цени, за 5 ноќи во Банско, во првата недела од месец декември ќе треба да платите од 67 до 234 евра, во зависност од бројот на ѕвездички на хотелот. И домашните агенции кај нас веќе нудат арнжмани за зимување во Бугарија, со попуст дури и до 30% пренесува спортм.

GOLD
To Top