Новости

Балкан

Невреме ја парализира Грција, снег падна и на островите

Невремето „Мидија“ што ја зафати Грција, донесе снег, минусни температури во целата земја, затворени училишта, како и проблеми на повеќе автопати, јави дописничката на МИА од Атина.

Во северна и централна Грција, во областа Епир, во градовите Јанина, Солун, Волос, Лариса, како и на островите Лезбос, Хиос и Закинтос, поради ниските температури и невремето, училиштата денеска се затворени, а наставата е онлајн.

Врнежи од снег утрово имаше и во центарот на Атина, а северните предградија се веќе под снежна покривка, додека пак затворен е автопатот кон Солун до градот Ламија, а возилата се враќаат назад кон Атина.

Невремето предизвика и проблеми и прекини во снабдувањето со електрична енергија, во северниот дел на областа Атика, на островите Скопелос, Скиатос, Алонисос и Евија, но и во други делови на земјата.

Според податоците од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, во 6 часот утрово, најниска температура од -19,9 степени била регистрирана во планинското село Месовуно кај Козани, во северниот дел на Грција, додека пак на островот Евија, ветерот бил со брзина од 118 километри на час.

GOLD
To Top