Новости

Балкан

Од денеска построги рестрикции за влез во Грција од Македонија и Албанија

Министерската одлука издадена минатиот понеделник со мерките за копнените граници на Грција и забраната за влез на државјани на трети земји, од денеска е заменета со нова, во која се вклучени дополнителните рестрикции, соопштени во петокот, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите, построги мерки се однесуваа на граничните премини Евзони со Северна Македонија и Какавиа со Албанија, кои ќе работат од 7 до 19 часот, наместо до 23 часот, а дневно ќе биде дозволено да поминат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен ќе биде домашен карантин од 14 дена, наместо седум како што беше досега.

На граничните премини, на сите, задолжително ќе им се прави рапид тест, вклучително и на возачите на камионите, при позитивен резултат нема да биде дозволен влез.

За патниците, останува обврската за потврда за негативен ПЦР тест, но и задолжителен домашен карантин од 14, наместо седум дена како што беше досега.

Промени нема во однос на забраната за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија”, како и во однос на „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата”, со што во суштина значи дека за македонските државјани и понатаму е забранет влезот кај јужниот сосед.

Новите мерки се однесуваат на оние категории за кои постојат исклучоци, како во однос на влезот преку одредени гранични премини, така и за влезот преку преминот Промахонас од Бугарија, што е единствен отворен за туристи за кои не важат забраните, односно за државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и за жителите на Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Израел.

Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Освен Промахонас, отворени се граничните премини Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Какавиа кон Албанија и Кипи кон Турција, со одредено работно време, а влезот во Грција е дозволен само за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија  влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Новата министерска одлука е веќе објавена во Службен весник на Грција, во сила е до 8 март во 6 часот наутро, иако заменик-министерот за цивилна заштита на Никос Хардаљас во петокот рече дека мерките се до 15 март 2020 година.

Хардаљас, соопштувајќи ги дополнителните рестрикции, рече дека „за да се избегне дополнително ширење на вирусот од копнените влезни точки, од понеделник 1 март во 6 часот наутро и до понеделник 15 март во 6 часот наутро”, се воведуваат новите мерки пренесува слободен печат.

GOLD
To Top