Новости

Балкан

Позитивни на Ковид-19 седум бегалци и мигранти во новиот привремен камп на Лезбос

Од 300 направени тестови за Ковид-19 на бегалците и мигрантите на Лезбос, при нивниот влез во новиот привремен камп во Кара Тепе, позитивни се резултатите на седум од нив, од кои двајца се од веќе потврдените случаи пред пожарот во Мориа, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката Влада обезбеди брзи тестови за Ковид-19, а дел од нив се користат на Лезбос, односно се тестираат сите бегалци и мигранти при влезот во новиот привремен камп.

Меѓу првите потврдени случаи се и два од 35-те кои беа регистрирани пред двата пожари во Мориа, а подоцна, по евакуацијата на кампот, „се загубија“ на улиците на островот заедно со останатите над 12.000 бегалци и мигранти.

Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека најважна е безбедноста на сите, на вработените, на локалното население, како и на бегалците и мигрантите и затоа се користат новите брзи тестови за Ковид-19, а веќе се откриени седум случаи.

Од вчера започна сместувањето на семејствата со деца и на ранливите категории, во новиот привремен камп поставен на просторот на стрелиштето, а сите што влегуваат, прво се регистрираат, а потоа се тестираат за Ковид-19, додека пак шаторите се поделени според националноста.

Новиот привремен камп, според грчките медиуми ќе прими околу 3.000 лица.

GOLD
To Top