Новости

Балкан

Последен ден за вакцинација на граѓаните над 60 години во Грција за да избегнат казна

Денеска истекува рокот за вакцинација на нев акцинираните граѓани во Грција кои се над 60-годишна возраст, со оглед на тоа дека од утре стапува во сила одлуката за задолжителна вакцинација на конкретната старосна група и за невакцинираните, предвидена е казна од 100 евра месечно, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерката беше соопштена на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против Ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година“.

За јануари казната ќе биде 50 евра, со оглед на тоа дека е за половина месец, а за секој нареден административна глоба е 100 евра.

Казната ќе ја заверува и наплатува Независната управа за јавни приходи, а собраните средства ќе се користат исклучиво за зајакнување на националниот здравствен систем во битката со пандемијата.

Од задолжителната вакцинација ослободени се оние кои прележале Ковид-19 во последните 180 дена, оние кои се вакцинирале во странство, како и оние имаат докажани здравствени причини кои ги спречуваат да се вакцинираат.

Според грчките медиуми околу 310.000 граѓани над 60 години се невакцинирани, додека пак грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека еден од десет граѓани од конкретната старосна група, односно 90 отсто веќе се вакцинирани и упати последен апел невакцинираните да се имунизираат.

Кога мерката беше соопштена на крајот на ноември беа околу 580.000 невакцинирани, а Мицотакис рече дека од моментот кога се најави задолжителната вакцинација „речиси половина од невакцинираните одбраа да се вакцинираат“ и истакна дека мерката беше успешна.

За конкретната старосна група веќе е во сила и мерката за задолжителна трета доза за да продолжи да важи сертификатот за вакцинација седум месеци по втората доза, а оваа одлука, од 1 февруари ќе важи за сите граѓани, односно доколку бустер дозата не е примена седум месеци по втората, лицата ќе се сметаат за невакцинирани.

Евротип
SNBROKER
To Top