Новости

Балкан

Србија воведува ковид-пропусници, но само за по 22 часот

Ситуацијата со коронавируссот во соседна Србија и натаму не се смирува, па денеска Кризниот штаб донесе одлука од сабота да се воведат ковид-пропусници за влез во сите угостителски објекти од затворен тип, но само после 22 часот.

Премиерката Ана Брнабиќ после седницата на Кризниот штаб изјави дека епидемиолошката ситуација е катастрофална, не се смирува, и поради тоа од сабота од 22 часот ќе стапи на сила мерката за задолжително приложување на ковид-пропусница при влез во сите угостителски објекти кои имаат затворен простор.

„Ова важи за сите угостителски објекти и ковид-пропусниците ќе бидат задолжителни во рестораните, кафулињата, баровите и сите слични објекти по 22 часот од сабота, 23 октомври, така што нема да можете да бидете во затворени простории без валидна ковид-пропусница“, рече Брнабиќ на денешната прес-конференција по седницата на Кризниот штаб.

Кај северниот сосед имаше идеја на ковид-пропусниците да стои и фотографија од лицето во прашање, но се донесе одлука да нема такво нешто, туку овластените лица да имаат право да побараат документ за идентификација, како пасош или лична карта, при приложувањето на ковид-пропусниците.

Брнабиќ најави дека Влата утре на редовна седница ќе ја усвои оваа нова мерка. Додаде и дека непочитувањето на мерките јасно се гледа, но никој не реагира и затоа ситуцаијата отишла во погрешен правец. Изминатава недела се засилени контролите за 10% преку инспекции, но изречени се и 220% повеќе казнени налози, а воедно и вакцинацијата се одвива бавно.

Ковид-пропусниците ќе важат и за свадбите и другите веселби кои ќе траат по 22 часот.

„Оваа мерка ги вклучува и свадбите. Ако некој сака да прави свадба на отворено, нема да му треба ковид-пропусница. Ако некој сака да прави свадба во затворен простор и да ја заврши пред 22 часот, исто така нема му биде потребна ковид-пропусница. Меѓутоа, ако некој сака да прави свадба или роденден во угостителски објект во затворен простор по 22 часот, ќе мора да има ковид-пропусница“, рече Брнабиќ.

Додаде и дека ковид-пропусниците не значат само вакцинација со две дози, туку и негативен ПЦР тест не постар од 72 часа, антигенски тест не постар од 48 часа и потврда за прележан COVID-19 не постар од 7 месеци. Воедно, за вакцинираните лица важи правилото дека втората доза треба да ја имаат примено не пред повеќе од 210 дена, односно 7 месеци.

„На странците ќе им треба дигитален ЕУ сертификат ​​или сертификат од земјата со која Србија има отпишано договор за признавање на сертификатите. Се надеваме дека ова ќе ја забрза вакцинацијата. Ова е единствениот начин за да го победиме вирусот“, рече Брнабиќ.

Според неа, ковид-сертификатот ќе може да се прикажува во хартиена или во дигитална форма преку мобилен телефон.

Евротип
Евротип
To Top