Новости

Битола инфо

Австриските експерти споделија искуства со пелагониските фармери

За млекопроизводството и развојот на руралниот туризам  австриски  експерти денеска ги споделија своите искуства со пелагониските фармери на настанот што го организираше здружението „Зелена берза“и ЛАГ Агро лидер од Прилеп во просториите на „Синпекс“-Битола.

Кристијан Бравенц, аташе од Федералното министерство за Одржливост и туризам зборувајќи на  тема “Мастер план за рурален развој во Австрија и организација на поддршка за земјоделство и шумарство ” рече дека од шеесетите до деведесеттите години на минатиот век Австрија се соочила со голема миграција  на населението од руралните средини, така што многу жители заминале во големите градови како Виена, но со влегувањето во ЕУ овој проблем на Австрија стагнирал и жителите останале по селата.

-Ние како земја дел од ЕУ бевме насочени кон руралниот развој кој е комплексен. Тој опфаќа не само земјоделство, туку и животен стандард, образование, животна средина, шумарство, дрвна индустрија и други сектори кои се битни да се развијат со цел да се задржат луѓето да останат во руралните средини, рече  Бравенц.

Генералниот менаџер од Австрискиот  агрикултурен кластер, Херман Виесер , се осврна на  темата „Интеграција по должината на синџирот на додадена вредност на млеко и месо. Фактори за успех за квалитативно и квантитативно зголемување на производството на млеко “. На средбата со пелагониските фармери тој истакна дека Австрискиот кластер е здружение кое што покрива околу 20 компании од други здруженија и нуди советодавни услуги и поддршка во одгледување на стока, продукција на сточна храна, на пченка и се што е поврзано во делот на земјоделството.

Мартин Штегфелнер, генерален директор на Сојузната асоцијација на австриски одгледувачи на стока презентирајќи ја темата “Организација на одгледувачи на добиток и успешна сточарство и производство на млеко во Австрија“,истакна дека целта на неговата организација е да ги застапува интересите на фармерите и да делува во спроведување на услуги во делот на податоци, дигитализација на самите фарми и во однос на спроведување на политиките на Европската унија.

На денешната средба присуствуваа голем број на фармери од регионот како и претставници на општините и Министерството за земјоделие.

-Нашата земја мора да се фокусира кон развојот на сточарството, зошто  реално ги имаме вистинските природни предуслови и потенцијали, рече на средбата градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска. Таа најави дека општината е пред реализација на еден голем проекет, а тоа е агро економ зона која ќе се гради во општината и ќе значи придобивка за сточарите. Малите семејни фарми да израснат од една традиционална фарма на одгледување на говеда кон европски модел на одржливи фарми.

Организаторот на средбата здружението „Зелена берза“ смета дека ваквите настани отвораат нови перспективи на нашите земјоделци и помагаат во надминување на дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат фармерите.

-Со оваа средба отвораме можност за повеќегодишна соработка со Австрија бидејќи тие имаат волја, ресурси и можност да вложат средства кај нас.Се надеваме дека многу проблеми ќе бидат  можеби ублажени , ако не и решени, рече Валентина Соколовска, претседател на здружението на земјоделци „Зелена берза“.

GOLD
To Top