Новости

Битола инфо

Битолскиот совет расправаше за референдум за мигрантите – министерката Царовска се појави на седницата

Советот на Општина Битола денеска како прва точка на дневниот ред ја имаше Одлуката за распишување референдум на локално ниво, поточно за примање на мигрантите.

Додека течеше дискусијата на советниците, во слата влезе министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која присуствуваше на седницата, како што рече да види за што разговараат советниците на оваа тема.

-Јас дојдов да им кажам дека ВМРО ДПМНЕ лаже, шири ксенофобија и лажни вести, ние неколку пати како влада потенциравме и упатуваме апел дека советницие треба да се одговорни и одговорно да ја користат говорницата и позицијата која ја имаат. Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту ќе се градат станови во Македонија. Тоа е јасно нека кажат со кој документ Владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови. Тоа се случувало во времето на ВМРО ДПМНЕ кога биле на власт и земале парцела во општина Сарај. Оваа стратегија не се однесува на мигранти, напротив резолуцијата која ја носи собранието е изгласана од мнозинството на ВМРО ДПМНЕ. Ниту се прави нешто против интересите на граѓаните, ниту имаме намера. Многу е важно да се потенцира дека референдумот е лично право, јас како социјалдемократка, а и владата е предводена од социјалдемократи и ние веруваме во изјаснувањето на граѓаните, за важни прашања на референдум, но ова прашање е лажно прашање, изјави за новинарите министерката Мила Царовска.

Претседателката на Советот, Силвана Ангелевска рече дека надвор од умот е ова да се нарекува ксенофобично.

-Гледате како реагираат повеќето европски држави, ние сме сиромашна држава. Вчера премиерот рече дека ние не сме толку добра држава за да останат тука. Но ако понудиме вакви услови како во стратегијата ќе станиме интересна држава. Ако се повикуваме на тоа дека бегаат од војна, сочувствуваме, но многу од нив доаѓаат од економски причини. Надвор од умот е ова нешто да се нарекува ксенофобично дури и да се врти дека сме биле против исламот, ние не ни знаеме какви се по вероисповед. Ние немаме доволно ресурси тоа да го направиме, дај боже како што има најави дека по локалните избори ружи ќе цветаат, Македонија да го крене високо стандардот да можеме да ги примиме. Но фактичката состојба е таква, невработеноста е огромна, дали имаме плус од нашите социјални случаи да примаме, зборуваме за 150 000-200 000 мигранти, изјави Ангелевска.

Координаторката на советничката група на опозицијата во Советот на Општина  Битола, Наташа Петровска, вели дека дискутабилен е датумот на референдумот, а ако го променат целосно ќе го поддржат референдумот.

-Предложивме точка на дневен ред за донесување одлука која би гласела, Советот на Општина Битола е против населување и интеграција на бегалци на територијата на Општина Битола. На овој начин би заштедиле пари за нашите граѓани кои би можеле да бидат наменети за многу поважни потреби кои граѓаните ги имале или ги имаат овој период. За жал го одбија, изјави Петровска.

Претходно на седница, Ангелевска рече дека немало потреба од ваква точка, бидејќи за тоа бил заклучокот донесен од минатата седница.

Според министерката Цароска, референдумот би чинел повеќе од 100 000 евра, пари кои според неа би се искористиле за други потреби.

-Дополнително, 15 октомври е датум кој е посочен за ден на избор на градоначалник или градоначалничка на Битола. Но референдум на истиот ден на локалните избори не смее да ни случува поради тоа што тоа е нарушување на процесот на избор на градоначалник. Нека се одбере ако веќе решиле да го отвораат, да биде друг ден, рече Царовска.

Ангелевска вели дека нема никаква манипулација со датумот.

Она што е предвидено со законот за референдум е тоа дека откако ќе се донесе одлуката стапува на сила отако ќе се објави во службен гласник и од тој момент има 25 до 40 дена да се спроведе, не смее да биде ни помалку од 25 ни повеќе од 40 дена. Нема никаква манипулација со датумот, датумот ќе се даде како предлог до ДИК, комисијата е таа која ќе процени дали е тоа возможно да се изведе, никаде не сретнавме дека е надвор од законот во ист момент кога се одржуваат локални избори да се одржи и референдум, тоа би значело и од економски аспект заштеда на пари на граѓаните. Никакви тенденции нема, туку во насока да се излезе во законскиот рок и се разбира од другите аспекти, рече Ангелевска.

Ангелевска појасни дека референдум се распишува на два начини, по иницијатива на Советот или по барање на 20% од граѓаните. Таа рече дека иницијативата побарале од нив да се организира референдум, а иницијативата сама по себе не била посебна точка. Советникот од ЛДП, Валентин Груевски на говорница ја доведе во прашање легалноста на иницијативата заради потписите каде ги имало и матичните броеви на самите потписници. Ангелевска рече:

-Не знам дали е тоа така како што го кажа Валентин, факт е дека се потписите со матични броеви, но секој кој го доставил својот потпис го имал тоа предвид.

На прашањето дали ќе и дозволат на Царовска да го искаже својот став на говорница, Ангелевска рече прво да дискутираат советниците, а потоа ќе го слушнат ставот на министерата. Но во 15 часот, заради обврски министерката замина, а дискусијата во Советот е во тек.

Karmen
To Top