Новости

Битола инфо

Битолските актери на слепите лица им ја читаа „Парите се отепувачка“

Актерите од Народниот театар Битола денеска им ја читаа драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле на слепите лица, како дел од новиот проект „Книги кои гледаат“ на Лајонс клубот Битола, а кој ќе се реализира заедно со НУУБ „Св.Климент Охридски“ Битола која на овој начин ги промовира новите проекти, меѓу кои и „Дневна соба на градот“.

Овие литературни дружења ќе се одржуваат секој последен понеделник во месецот, а желбата на слепите лица беше да се читаат битови драми.

Целта на овој проект е да се спојат двете културни институции, битолската библиотека и театарот кои се бесплатни и отворени за слепите лица, но ретко ги посетуваат.

Слепите лица кои присуствуваа на денешното литературно читање беа пресреќни што и тие ќе имаат можност да слушнат дел од македонската литература и тоа лично од актерите на битолскиот театар.

Современо конципираните  библиотеки имаат клучна улога во денешното општество на знаење каде преку своите активности со различни типови на корисници влијаат на јакнење на заедницата.

Посебна група на корисници на библиотечните услуги се лица со попреченост, кои имаат потреба од користење на специфични, прилагодени програми за нивната група. Затоа е потребна голема сензибилност на заедницата, но пред се институциите кои се дел од образовниот и културниот живот во државата.

Во фокусот на интересот на нашата библиотека во рамките на воведување на нови библиотечни програми и проекти, се и програми за  слепи и лица со оштетен вид за кои подготвуваме содржини кои би можеле да предизвикаат поголема активност и нивна инклузија во општеството.

Библиотеките се должни да  имплементираат програми во полза на овие групи на корисници за да им овозможат прилика за учење, образование и стекнување со алатки за успешно информирање и квалитетно поминато слободно време.

За таа цел се организираат активности и анимации за осмислување на прилагодени програми, литературни  клубови,  оформување на збирки за слепи и лица со оштетен вид, дигитализација на специфичната граѓа,  техничка опременост и  обучен библиотечен кадар со цел подигање на квалитетот на живеење на овие лица и поголема сензибилизација на општествената средина.

GOLD
To Top